Верзијата на напаѓачот на Саздовски пред обвинителство


Адвокатот Насер Рауфи, кој е бранител на еден од осомничените за убиството на Никола Саздовски-Саздо, денеска треба да ги види доказите со кои Обвинителството го товари неговиот клиент за кривичното дело убиство на свиреп начин. Откако ќе ги види доказите, Рауфи очекува неговиот клиент да даде исказ за тоа што точно се случило попладнето на 29 јуни на автобуската станица во скопската населба Автокоманда.

Двајца од осомничените за убиството на Саздо, кои се наоѓаат во притвор, двапати досега беа во Обвинителството, но се бранеа со молчење. Рауфи вели дека неговиот клиент се бранел со молчење не затоа што немал што да каже, туку првин сакале да ги видат доказите за овој случај. Неговата верзија е дека го виделе Саздо случајно на автобуската без никаков план за убиство. Го нападнале поради нетрпеливоста што ги имаат нивните спротивставени навивачки групи. Саздо бил член на „Комити“, а напаѓачите членови на „Шверцери“. Двајца од напаѓачите се во затворот во Шутка, а третиот, деветнасетгодишниот Јетон Љужа, сè уште е во бегство.

По речиси еден месец од нападот, Министерството за внатрешни работи по барање на Обвинителството, а по наредба на судот во петокот издаде меѓународна потерница по третоосомничениот. Можно е тој да се наоѓа надвор од државата, но ваквата потерница можно е да е издадена поради ургентната потреба да биде приведен или да биде пресретнат при евентуално бегство надвор од границата.

Рауфи очекува истрагата за овој случај да заврши наскоро и да биде покренато обвинение. За овој случај Обвинителството обезбеди вербални и материјални докази, готово е вештачењето од Институтот за судска медицина, а испитан е и законскиот застапник на семејството на Саздовски. Според првичните информации, Саздовски бил нападнат без употреба на предмети, со голи раце. Институтот за судска медицина во вештачењето ја објаснува причинско-последичната врска на нанесените повреди со смртната последица. Вештаците дале детален приказ за состојбата на момчето по нападот, односно во моментот кога беше хоспитализиран, за неговата состојба во болницата, па сè до настапувањето на смртта.

По разгледување на вештачењето, Јавното обвинителство го преквалификува делото од насилство со смртни последици во убиство на свиреп начин. За овој случај во Собранието на последната седница за пратенички прашања зборуваше и јавниот обвинител Љубомир Јовески. Одговарајќи на пратеничко прашање, тој порача дека истрагата за овој случај продолжува. „Ве уверувам дека за секој што ќе се утврдат криминални дејства со соодветни докази ќе биде поднесено соодветно обвинение. И во овој момент Обвинителството постапува во овој случај, но дали истрагата ќе биде проширена во овој момент не можам да соопштам. Тоа ќе зависи од вештачењата и од доказите“, рече јавниот обвинител.

Средбата на Саздо со тројцата напаѓачи беше кобна за него. Дваесет и едногодишниот Саздовски заврши во болница и по десет дена почина. Двајцата напаѓачи Скендер Д. (19) и Бесир Б. (20) беа фатени и им беше одреден триесетдневен притвор за насилство со смртни последици, а потоа им беше и сменет притворот за кривично дело убиство на свиреп начин. (Ф.Ф.С.)