Венко Филипче – иден министер за здравство


Венко Филипче, според последните информации, е предлогот на премиерот Зоран Заев за нов министер за здравство. Со тоа, СДСМ, сепак, го презема Министерството за здравство од коалициските партнери „Алијансата за Албанците“.

Министерското место во здравство е празно подолго од два месеци, откако Арбен Таравари се кандидираше за градоначалник на Гостивар. Според информациите, на „Алијансата за Албанците“ на Зијадин Села ќе ѝ биде понудено вице-премиерско место за реформи, за да остане во владејачката коалиција. Од „Алијансата“ , пак, велат дека чекаат официјално известување дека СДСМ ќе оди со свое решение за министер за здравство, по што ќе донесат одлука за своето понатамошно позиционирање во однос на учеството во извршната власт.

За изборот на Филипче, како кандидат за министер, треба да се обезбедат најмалку 61 глас во парламентот. Седницата за пополнување на испразнетите места во владиниот кабинет, по локалните избори, се очекува да се одржи до крајот на годинава.
Вицепремиерот Бујар Османи изјави денеска дека до 25 декември ќе се знае името на новиот министер за здравство и дека нема да се прави поширока реконструкција на Владата, туку само ќе се пополнат празните места.
„Мислам дека собраниската агенда не дозволува разгледување на нови предлози пред 25 декември. Овие денови ќе се искористат за дополнителни консултации по однос на прашањето за назначување нов министер за здравство“, рече Османи