Ваљон Беља ранет со два куршуми во Чаир


Економскиот директор на Клиниката за Гинекологија, Ваљон Беља вечерва е ранет во вооружен напад во скопската населба Чаир.  Во него е пукано со два куршуми, по што е однесен во болница.

„Денеска во 17:45 часот е пријавено дека на ул. „Лазо Трповски“ било пукано во В.Б. (40) од Скопје во пределот на десната подколеница. Во него пукало лице кое било заедно со Е.Х., Е.А. и Р.Н.. В.Б е пренесен во ГОБ Св.Наум Охридски. Се работи на расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Беља стана економски директор на Клиниката за гинекологија пред неколку месеци. Сега е во ДУИ, а во политика влезе преку невладината организација Реалитети. Во 2010 година стана лидер на партијата Албански сојуз, која подоцна се спои со ДПА.

Во 2016 година тој како вработен во општината Чаир беше приведен од полицијата, бидејќи заедно со уште неколку лица дошол во општината и го барал градоначалникот за да расчитат некаков проблем.

Тогашниот градоначалник Изет Меџити не бил во канцеларијата, а Беља оставил куршум во салфетка. Како што пишуваа тогаш медиумите, заканата до Меџети била поради тоа што Беља наводно барал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.