Бучковски: Заев мора напред, со или без Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ


Што кажуваат за вас, господине Бучковски, резултатите од референдумот?

Резултатот ја обврзува „Коалицијата за европска Македонија“ да го продолжи имплементирањето на преспанскиот договор во парламентот… над 600.000 гласа „за“, од 670.000 граѓани што излегоа на референдумот, е бројка за почит, имајќи го предвид фактот дека ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше овој историски референдум.

Ја турка ли епилогот од плебисцитарното изјаснување земјата во постреферендумска криза?

Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно е вовед во постреферендумска криза. ВМРО-ДПМНЕ, за жал, ги стави своите теснопартиски интереси пред европската иднина на Македонија. Но, според мене, Зоран Заев нема друг избор освен да продолжи по тој пат, со или без Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓународниот фактор порача дека граѓаните се „за“ и дека сега на потег е македонското Собрание. Реални ли се очекувањата дека дел од опозициските пратеници ќе покажат одговорност за интегративните процеси, или предвремените избори се единствената опција во моментов?

Би било чудо да се одважат осум пратеници од ВМРО- ДПМНЕ и неговите коалициски партнери и да подржат уставни измени. Затоа поверојатно е да се оди на брзи предвремени избори на 25 ноември, но и тука очекувам опструкции од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се обидат да ги пролонгираат брзите избори со пржинска техничка влада со мандат од 100 дена, па побараа и нов јавен обвинител, па анкетна комисија за евентуалните нерегуларности при спроведувањето на референдумот. Утре веројатно ќе бараат и уште нешто за да купат време! Очигледно е дека брзи избори не му одговараат на Мицковски. Тие, според мене, ќе значат тежок пораз на ВМРО-ДПМНЕ и крај на политичката кариера на Мицкоски.

Голем број граѓани бојкотираа, како своевиден доказ за длабоката општествена поларизираност. Зошто како општество не успеавме да изградиме согласност како да ги помириме модерноста и поизразеното чувство за патриотизам, кое преминува во национализам кај одреден дел од популацијата?

Европеизацијата на Македонија се одвива бавно, жално е Заев полесно да најде заеднички јазик со Борисов или Ципрас, а да не може тоа да го стори со Мицкоски! На Македонија ѝ треба силна опозиција и модерна демохристијанска партија. За жал, нашите демохристијани од ВМРО-ДПМНЕ како да живеат во минатиот век. Не би ме изненадило во духот на таа реторика Мицкоски да соопшти дека избрал ужасен крај за ВМРО-ДПМНЕ, наместо ужас без крај.

Може ли резултатот да се разбере како предупредувачки сигнал за идната геополитичка ориентација на државата. Низ призма на референдумскиот скор, српскиот претседател Александар Вучиќ од Москва порача дека некои луѓе од светот нè потценуваат нас балканските народи. Среќен ли е Кремљ од ваквиот развој на настаните?

Резултатите од нашиот референдум ги охрабрија Русите, дефинитивно. А најмногу ги израдуваа Вучиќ, Дачиќ и другите репрезенти на актуелната српска власт. Оние што се плашат од успешното решавање на македонско-грчкиот спор за името, како вовед во затворањето и на косовското прашање.

Наум Котевски