Бунт во село Тимјаник против децата со попреченост


Еден протест се одржа, втор се закажува во селото Тимјаник кај Неготино, каде се прави мал групен дом за во него да се префрлат деца со попреченост од Специјалниот завод Демир Капија. Тоа е дел од процесот на деинституционализација, кој почнува денеска, кога првите три дечиња ќе бидат префрлени да живеат во Неготино.

Селото ќе го посети министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Во пресрет на посетата, жителите повикуваат на масовност за да ѝ кажат дека се противат на одлуката.

Жителите на Тимјаник наведуваат дека децата ќе бидат сместени среде село, тоа го немало „никаде во светот“. Поставуваат прашања до градските советници кој ја донел одлуката и кој го финансира објектот. Се закануваат со инциденти и наведуваат дека им треба градинка, а не мал групен дом.

На протестот во петокот вечерта, стотина граѓани еден час го блокираа патот Тимјаник – Дисан.

Министерката Царовска во интервју за Независен весник ја објасни деинституционализацијата, како процес кој се применува во сите држави кои се уште имаат деца сместени во гломазни и нефункционални институции. Малите групни домови треба на овие деца да им обезбедат безмалку семејна средина и подобра здравствена заштита. Интервјуто можете да го прочитате тука.