Бронхоскоп 10 години стоел неотпакуван во штипската болница


Клиничката болница во Штип десет години чувала во магацин бронхоскоп, апарат што е многу потребен за скопската Клиника за пулмологија и алергологија. Бронхоскопот не бил отпакуван и кога е пронајден, штипската болница ѝ го отстапила на скопската клиника.

За тоа колку е потребен бронхоскопот, покажува податокот дека 70 отсто од сите пулмолошки пациенти во државата се лекуваат на Клиниката за пулмологија. Таа пак, постојано кубури со вакви апарати оти се потрошен материјал.

– Апаратот е неупотребен, прекрасен и покрај тоа што е веќе застарен бидејќи за десет години технологијата отиде напред. Но, преку него одлично се гледа и ние веќе почнавме да го употребуваме – потврди Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.

Апаратот не бил употребен бидејќи немало кадар за да работи на него.

Иако се уште нема наплив на пулмолошки болни пациенти, на Клиниката нема празно место. Капацитетот е 50 кревети за лежечки пациенти и сите се зафатени. Поради тоа, пациенти кои мора да се хоспитализираат се препраќаат на Клиниката за белодробни заболувања и туберкулоза.

Докиќ претстави промени кои се направени на Клиниката за пулмологија, што придонесуваат за поефективни услуги кон пациентите и кон зголемена хигиена и намалување на можноста од појава на инфекции. Воведен е едношалтерски систем, наместо досегашните повеќе разместени на различни места во клиниката. Реорганизирано е работното време на персоналот со цел докторите, медицинските сестри и останатиот немедицински персонал да се постојано  достапни за пациентите.

На влезот на Клиниката,исто така, е поставена електронска сигнализација. На истата пациентите го притискаат копчето за саканата услуга, добиваат број, чекаат да се појави нивниот број на екранот и влегуваат во собата за интервенции. На овој начин се избегнуваат турканиците. Воспоставен е систем за информирање на пациентите. На телевизор поставен во амбулантата се емитуваат сите информации во врска со работното време, лекарите и цените на услугите.

– Креиравме листа со распоред на сите лица што примаат терапија во дневна болница и секој пациент доаѓа во определеното време за него. Со тоа ја искоренивме досегашната практика повеќе пациенти да чекаат ред и на крај да примаат терапија на ист кревет. Исто така, во процедура е монтирањето на специјални мерачи на притисок за истиот да може во секој момент да му биде достапен на персоналот, а не како досега, да се бара каде е оставен последен пат. Набавени се нови чаршафи и перници за сите пациенти, во тек е набавка на униформи за секој вработен – рече Докиќ.

Преземени се и мерки за да се подигне нивото на хигиена во болницата. Ограничен е пристапот во салата за бронхоскопија за да се подигна стерилноста во истата. Влегуваат само пациентите кои се на ред. Пред влезот на болничкиот дел се поставени три апарати за автоматско навлекување на најлонски калоши, како оние во хируршките сали. И задолжително секој посетител од надвор мора да ги навлече врз своите обувки пред да влезе во делот од клиниката каде што лежат пациенти.

– Во оваа насока, во секоја болничка соба се монтира диспензер со дезифициенс, наменет за пациентите и персоналот што влегува во собите да даде терапија. Се монтира нова влезна врата и уште една после амбулантата на влезот од Клиниката и после дневната болница, кои функционираат со картичка. Втората врата е бариера за влез на цивили во хоспиталниот дел – појасни Докиќ.

Тој вели дека овие промени се направени преку донации од домашни и странски компании и не е потрошен ниту денар од буџетот на Клиниката за пулмологија.

Бројот на пациенти на оваа Клиника расте особено во зима, кога има налети на заболени од грип. Пулмологијата е една од специјалностите во кои минатата година имаше најголемо зголемувања на бројот на термини преку „Мој термин“.