Брегалница тече низ цевка за Мицкоски да печали


Пехчево – Кога на почетокот на август 2015 година во преубавиот природен туристички локалитет Равна Река кај Пехчево се појавија булдожери и започнаа да го копаат коритото на реката Брегалница, во близина на нејзините извори, пехчевци се кренаа на нозе. Меѓу нив имаше и луѓе од Делчево, Берово, Штип и Кочани, кои во божјиот рај, како што го нарекуваа, имаа изградено викендички, а некои од нив и ресторани.

Тогаш беше речено дека со изградбата на петте планирани хидроцентрали ќе дојде до уништување на еден од најубавите природни предели во државата, а со изместување на речното корито, заради изградбата на хидроцентралите, ќе се случел и помор на рибите. Граѓаните протестираа бидејќи, како што рекоа, за овој исклучително значаен потфат во однос на зачувување на животната средина во еден од најживописните предели не била организирана јавна дебата и не било слушнато нивното мислење, дека сè било направено преку ноќ.

„Ги донесоа машините без никаква најава, ги поставија во коритото на Брегалница и започнаа со работа. Тие сакаа работата да ја завршат преку ноќ и на сила, но ние тоа нема да им го дозволиме“, беше речено на протестот.

Народниот протест не успеа. Моќта на власта си го направи своето. Машините дојдоа на овој простор, изградбата започна. Проектот предвидуваше изградба на пет хидроцентрали, а за таа потреба водите на реката Брегалница наместо во отворено корито сега течат во цевковод долг четири километри за водата да има сила за да ги покрене турбините. Досега се изградени три од петте планирани хидроцентрали кои, според проектот, треба(ше) да бидат со моќност од два мегавати.

Граѓаните се сомневаа дека зад овој проект стојат „важни луѓе“ од тогашната власт, но на прашањата кој е инвеститорот никогаш не добија одговор. Тогашниот градоначалник Игор Поповски се огради од протестите со укажување дека јавна расправа имало, дека општината нема ништо со изградбата на хидроцентралите, дека тоа е во надлежност на државата, односно одлука за такво нешто носи Министерството за животна средина и просторно планирање и дека тој не знае кој е инвеститорот. Подоцна, Поповски се споменуваше како еден од луѓето што незаконски прибавувале документи за да се овозможи непречена градба на мини хидроцентралите на (сега) својот шеф Мицкоски.

Дека фирма во чија сопственост удел има и Мицкоски стои зад хидроцентралите обвинија во неколку наврати од СДСМ, а деновиве потврда дојде од таму од каде што најмалку се очекуваше – од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. од Сашо Мијалков. Тој го праша Мицкоски како успеа како професор со 500 евра плата да дојде до хидроцентрали токму во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. „Колку што знам, само еден професор во Македонија кој претходно немал сопствен бизнис има милионски вредни хидроцентрали кои носат милионски заработки во евра, само врз основа на добиена концесија од владата на ВМРО“, му пиша Мијалов. ВМРО-ДПМНЕ деновиве тврдеше дека Мицкоски има само седум отсто акции во фирмата сопственик на хидроцентралите „Минка Eнерготек“, додека СДСМ, пак, уверуваше дека тој процент е 99 отсто. Како и да е, дека има таму сопственост никој не демантираше.

Првите информации за тоа кој е инвеститор на хидроцентралите се појавија со поставувањето на информативната табла на местото на градбата. Таму како инвеститор беше наведена компанијата „Минка Eнерготек“. Проценките беа дека овие хидроцентрали нема да работат повеќе од неколку месеци во годината и дека профитот од нив ќе биде мал, но главниот профит требало да бидат субвенциите што ги дава државата за секој киловат произведена зелена енергија.

Инаку, Равна Река е на десет километри од Пехчево. Целиот комплекс е покриен со висока букова и борова шума и во него се изворите на Брегалница, втората по должина река во Македонија. На неа има пет водопади од кои највисокиот е 14 метри. Нема податоци за тоа како Равна Река го добила името, но се претпоставува дека е именувана по стариот град Равен во кој престојувале и својата просветителска мисија ја вршеле светите браќа Кирил и Методиј.

Иван Бојаџиски