„Борис Трајковски“ ќе има централен семафор со озвучување


Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се поднови со модерен семафор со четири ЛЕД-екрани, за секоја трибина. Новиот семафор ќе биде поставен централно над теренот, ќе има функција и на видеобим и ќе има озвучување од десет звучници. Во салата веќе има два странични семафори, но, како што информираат од спортскиот центар, за организација на меѓународни натпреварувања се бараат модерни и напредни технологии.

Новиот семафор ќе има четири ЛЕД-екрани со димензии 3,8 на 2,8 метри, кои ќе бидат монтирани на таванската конструкција и на сите гледачи ќе им понуди одличен преглед со добар звук на случувањата на теренот. Во моментов во тек е јавната набавка за избор на производител, а буџетот е 13 милиони денари.

„Спортскиот центар мора да биде во тек со технологиите што ги поседуваат сите модерни сали низ Европа, но и во регионот. Ние сме кандидати за организатори на Европско сениорско првенство во ракомет за жени во 2022 година и Светско кадетско првенство во ракомет следната година, а во план е и големо кошаркарско натпреварување. За да не добиваме забелешки од меѓународните федерации, планираме најдоцна до септември да го имаме монтирано новиот семафор“, вели Александар Петровски, директор на спортскиот центар.

Тој посочува дека спортскиот центар добил 16 милиони денари од Владата, кои освен за набавка на семафорот со озвучување, ќе бидат употребени и за модернизација на соблекувалните.

„Салата има проблем со протекување од соблекувалните кон дуќаните под нив, поради што планираме целосно реновирање и поставување на нова изолација на тој дел. Истовремено, ќе направиме и ВИП-соба за судии и изведувачи“, ни изјави Петровски. (С.Н.)