Бонусите се делеле во 3 часот по полноќ


Членовите на Државната изборна комисија си ги доделиле бонусите за напорната работа пред и по локалните избори на затворена седница во три часот по полноќ, дознава „Независен весник“. Одлуката била донесена едногласно, за неа гласале и членовите поставени од страна на опозицијата, од власта, како и независните експерти. Засега ниту еден од нив не се произнесе каде и кога ќе ги врати парите, иако јавно го ветија тоа на вчерашната седница.

Во ДИК врие откако американскиот амбасадор во земјава ја откри тајната за дополнителната плата. Незадоволство и револт има во сите служби што ги вршат сервисните работи, затоа што им било кажано дека нема пари, па дури и им биле кратени дневници за да можат „главните играчи“ да си доделат бонуси. Откако „Независен весник“ вчера објави дека „теренците“ што одат на гласачките места на денот на изборите добиле по две илјади денари, наместо осум како што била праксата до лани, а згора работата што вообичаено ја вршеле тројца – сега морало само еден, со објаснување дека во буџетот на Комисијата нема доволно пари, нашата редакција откри нови детали од аферата.

Членовите на Комисијата се однесуваат како да се недопирливи бидејќи се поставени од Собранието, односно не се како нас. Кога нема избори, никој не може да им го фати работното време, затоа што доаѓаат и си одат кога сакаат. Главно, работат од 12 до 14 часот и секако за тоа уредно си добиваат по 63.000 денари месечна плата. Згора на тоа, си доделуваат плус дневници за секој работен состанок и секоја седница, плус тројца од нив, Атанас Урумов, Силвана Бонева и Игор Милев ги користат надоместите за патни трошоци што им следуваат. Посебна приказна е кога има избори. Тогаш се однесуваат како избори да не може да има без нив, иако стручната служба е способна самата да ги одржи изборите, односно и без членовите на Комисијата. Тие и онака се поделени во табори, постојано се караат, а сложни се единствено кога треба да си поделат бонуси, како што беше случајот сега. Притоа, таквата одлука си ја изгласаа едногласно во три часот по полноќ“, велат вработени во службите во ДИК.

Тие се особено револтирани што претседателот Александар Чичаковски јавно ги објави нивните плати, со што сметаат дека им била нарушена приватноста како обични вработени. Исто така, тој ги посочи како одговорни што одлуката за бонусите не била јавно објавена, а од друга страна им забранил да даваат информации што подлежат на Законот за јавни информации, иако здруженија и медиуми барале одговор колкави плати и бонуси си поделиле членовите на ДИК.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера во име на Владата се огради од случувањата со ДИК нагласувајќи дека тоа е независно тело и дека секој буџетски корисник сам ги распределува парите во рамки на својот буџет.

Но, потенцирам, ниту Министерството за финансии ниту Владата немаше информација во однос на бонусите што се исплатени“, тврди гласноговорникот на Владата.

Работата на Државната изборна комисија е мета на критики на разни домашни и странски институции, кои ѝ префрлаат за нетранспарентноста, но и за лошата организација. Една од работите што боде в очи е што седниците главно се закажуваат во доцните попладневни или вечерни часови кога интересот на јавноста е опаднат, иако станува збор за институција која се храни со државни пари.

Субхи Јакупи, кој е долгогодишен член на Комисијата, вели дека саатницата на седниците е одлука што исклучиво ја носи претседателот, а нивна обврска е секогаш да бидат присутни и да го дадат својот придонес во работата. Во изјава за „Независен“ признава дека обврските што ги имаат се неспоредливи кога има, односно нема избори, но уверува дека работа имаат постојано.

Во време на избори заседаваме од моментот кога претседателот на Собранието ќе ги закаже изборите, па сѐ додека не ги соопштиме официјалните резултати. Не гледаме ниту на час ниту на време, нема слободни денови или не знам што, едноставно имаш еден куп работа што мораш да ја завршиш. Дали е тоа 24 часа дневно, 20 или помалку, воопшто не е важно. Има рокови што треба да се запазат, приговори, кандидатури, жалби… Кога нема избори, имаме секојдневни работни обврски, иако се подразбира дека темпото не е исто“, вели Јакупи.

Комисијата еднаш месечно го објавува ажурираниот регистар на гласачи, се земаат податоци од МВР и од Управата за матична евиденција, се обработуваат и се ставаат на веб-страницата на ДИК и со тоа им се дава можност на граѓаните да реагираат доколку имаат забелешки.

Секоја недела барем двапати имаме работен состанок на кој се дискутира за подобрување на изборното право, за обработка на подзаконските акти, за анализи и други работи поврзани со изборното право. Ги следиме и проектите на кои работиме, обуки, конференции… Не е баш така како што мисли јавноста, обврски имаме секој ден“, потенцира Јакупи.

Претседателот Чичаковски вчера призна дека во последните 18 месеци зеле вкупно 30 плати. Државна изборна комисија вчера заклучи дека нема правна основа да се отповика одлуката за доделување на дополнителната плата што сами си ја доделија во октомври, па поради тоа секој индивидуално ќе реши дали ќе ги врати парите во буџетот, ќе ги донира или ќе ги задржи за себе. Јавната седница следуваше откако американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, посочи дека членовите на ДИК си доделиле бонус-плата за четирите месеци работа, а истото го направиле и за ланските парламентарни избори. ДИК си исплатила екстра пари и лани во јуни, иако изборите воопшто не се одржаа. Покрај редовната плата од илјада евра, членовите добиле и надоместок од три илјади евра за „макотрпната“ работа во тие четири месеци на подготовка на изборите.

Горан Адамовски