Бонева: Оставката ја поднесов поради бруталните навреди и заканите по живот


Бруталните навреди, клевети, закани за животот преку социјалните мрежи и некролози за мене на електричните столбови во Струмица, е целосна повреда на моите основни човекови права, честа и угледот, а сè во име на демократијата, правната држава и гласот на народот, пишува Силвана Бонева во оставката што денеска ја поднесе до Собранието на Република Македонија.

Понатаму пишува дека како досегашен член на Државната изборна комисија функцијата ја извршувала совесно, одговорно, согласно со законот и со целосно ангажирање.

Во документот таа уште наведува дека минатата недела членовите на ДИК биле посочени како типичен школски пример за корупција и подложени на јавен линч, со неосновани обвиненија и истовремено носење пресуди, иако законски работеле.