Болдвин наспроти Витакер


Марија Павлеска

 

Токму завчера, пробувајќи да добијам по формален пат информации од јавен карактер, жената што го процесираше барањето ме форсираше да кажам зошто ми се потребни тие информации. Велам: „Работам на истражување.“

„Е, какво де?“ – ме прашува.

Госпоѓо, велам: „Моја работа е да ги побарам информациите, а ваша да ги испорачате, нели се јавни?“

„Да, јавни се“ – одговара.

„Е па, тогаш ве замолувам да ги добијам.“

„Ама која си ти и зошто да ти требаат?“

Со „која си ти“ добивате потсмевање за самото пристапување да се занимавате со материјата, наместо да ви се признае ангажманот(храброста) и да бидете услужени со она што законот ви го гарантира.

 

Главно така течат разговорите кога поднесувате барање за пристап до јавни информации. Може да испратите колку и да сакате барања, во најголем дел ќе ги добиете задоцнети (законскиот рок е 30 дена), нецелосни, неточни и на крај речиси неупотребливи. Иако работите на истражување кое треба да има некаков позитивен импакт, она со што на крај завршувате се вашите лични податоци споделени со причинителот за тоа истражување воопшто да се направи.

 

На 21 февруари оваа година одекна веста дека Јан Куцијак, истражувачки новинар од Словачка и неговата партнерка Мартина Кушнирова се убиени во нивниот дом во Словачка. Само неколку месеци претходно, во октомври 2017 година, убиена беше истражувачката новинарка од Малта, Дафне Каруана Галициа.

 

И Куцијак и Каруана Галиција истражуваа корупција. Новинарот на aktuality.sk, Куцијак, откри шема преку која се злоупотребуваа европски фондови во Словачка. Месеци претходно, автомобилот на Каруана Галиција експлодираше набрзо откако таа на својот блог објави текст во кој ја обвини малтешката влада за корупција и ситуацијата во земјата ја опиша како очајна.

 

Во случајот на Дафне се работи за веќе објавен критички текст кој е приказ на исклучителна храброст и професионалност како новинар да ја изнесе вистината. Тоа го кажа и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, кој нагласи дека бруталното убиство на Галиција е трагичен пример за новинар кој го жртвувал својот живот за да ја покаже вистината.

 

Меѓутоа, кај убиството на Јан се работеше за истражување што се работело во тајност и во моментот кога тој беше убиен, истражувањето не беше завршено. Колегите новинари пишуваа по убиството за неговата професионалност и бараа одговорност. Но само месец дена подоцна тешко беше да се прочитаат повеќе од две-три вести како напредува истрагата околу виновниците за убиството. Сега, кога оваа вест беше актуелна и новинарите вжештено пишуваа за темата дека треба да постои систем на заштита на новинарите, токму една алатка која им е достапна на сите се покажа како смртоносна во случајот на Јан.

 

Законот за пристап до информации од јавен карактер е корисна алатка за да добиете информации. Меѓутоа, иако тоа право го добивме со закон, а во самиот опис стои јавни, за да ги побарате тие информации, мора да поднесете име и презиме, адреса, телефон, факс и назив на медиум/фирма/проект за кој ги барате информациите. Токму на овој начин барањето на новинарот Куцијак за пристап до јавни, но сензитивни информации им ја обзнани адресата на живеење на која подоцна беше извршено неговото убиство.

 

Три недели по убиството, во Европскиот парламент се разви дискусија околу обезбедувањето посилни гаранции за заштита на личните податоци на новинарите кои поднесуваат барања преку законите за пристап до информации. Исто беше нагласено и побарано обезбедување подобра заштита и за „свиркачите“ (whistleblowers).

 

Дали истите се обезбедени? И дали некој продолжи да ја третира оваа тема според важноста што ја заслужува? Во мај, Павла Холкова, чешка новинарка која сè уште го истражува убиството на својот колега новинар и неговата партнерка била повикана од словачката полиција на разговор. Холкова не е осомничена, токму напротив таа е еден од малкутемина новинари кои продолжија да ги бараат вистинските виновници за смртта на Куцијак. Сепак, наместо разговор, таа била испрашувана осум часа. Дополнително, пред да биде слободна да си оди, нејзиниот мобилен телефон бил запленет. Обвинителот кој ја потпишал наредбата да биде земен нејзиниот мобилен телефон и да се пристапи до нејзините податоци не е назначен за случајот на убиството.

 

Македонските медиуми не продолжија да известуваат за смртта на Јан Куцијак и скандалот во Словачка, ниту се запрашаа кој по убиството на Дафне Каруана Галиција продолжил да пишува за ситуацијата на Малта.

 

На истиот тој 21 февруари 2018 година, кога читавме за убиството на Јан, објавен беше и извештајот на „Транспараси интернешенел“. Според податоците во извештајот, Македонија е најкорумпирана држава на Балканот и во регионот и една од најкорумпираните земји во Европа, според Индексот за перцепција на корупцијата за 2017 година. Имено, за пет години, Македонија падна за четириесет (40) места на светската скала на Индексот на перцепција на корупцијата и денес се наоѓа на 107. место од 180 земји.

 

Само во минатата 2017 година во Македонија на 600.000 граѓани им бил побаран поткуп, барем еднаш, а 500.000 поткупиле барем еднаш. Со тоа коруптивниот притисок врв граѓаните се зголемил за 5,8 отсто повеќе од 2016 година (податоците се преземени од „Рефлектор – податоци под лупа“).

 

Во истото истражување на „Рефлектор“ се вели дека 38,5 отсто од граѓаните мислењето за корупцијата го градат врз основа на информации добиени од медиумите. Па, иако од два милиони народ, четвртина од нив поткупувале некого. Измината година кај нас сè уште корупцијата не се перципираше како критичен проблем. На листата на проблеми сè уште на највисоко место рангираат: невработеноста; политичката нестабилност и ниските примања. Ако погледнеме подобро, сите три посочени проблеми директно се линкуваат со високиот процент на корупција во нашиот државен систем, но кој сака да го признае тоа?

 

Дури и тие малку текстови на новинари кои сериозно си ја работат професијата и вистински истражуваат, кога објавуваат сторија за која си го ризикувале животот, наидуваат на далеку помала читаност споредено во вести со сензационалистички наслови. Ако, и воопшто успеат да ја објават.

 

Македонија уште во 2007 година ја ратификуваше Конвенцијата на ОН со што ѝ се приклучи на глобалната борба против корупцијата. Деновиве кај нас по долго чекање почнаа да се преземаат чекори кои водат кон преземање на одговорност на оние што со години ги кршеа законите. Не е време да фалиме, туку да признаеме дека се доцни со дел од постапките, но сепак дека претставуваат позитивен исчекор.

 

Насловот на оваа колумна е преземен од името на расправата „Болдвин наспроти Витакер“, во која нивните изјави се контрадикторни. Болдвин вели дека жените се првокласни државни службеници (нашето воодушевување од формирањето на СЈО), додека Витакер вели дека жените се државни службеници од трета класа (жената од почетокот на текстот која не сакаше ниту да го сработи она за кое е платена и свесно опструираше истражување).

 

И повторно да се вратам на поентата, во постреферендумска северноевропска Македонија, со какво знаменце ќе го гласаат пратениците законот за заштита на личните податоци на новинарите истражувачи?