Божиќно село и топ за вештачки снег за Нова Година во Скопје


Божиќно село со 60 зимски куќички, насловени како „Зимска земја“ ќе го красат плоштадот „Македонија“ пред новогодишните празници. Елката ќе се постави над рамната фонтана, ќе биде на платформа, а под неа ќе има маси и столчиња и ќе се продава храна. Украсувањето на Скопје ќе започне идната недела и треба да заврши до 7 Декември.

Градоначалникот Петре Шилегов вчера најави европска предновогодишна атмосфера и многу новини и забава за скопјани. Сите куќички во Божиќното село се наменети за продажба, но само за новогодишни дреболии. Ќе има и мала сцена на која секој ден ќе се случуваат различни настани и претстави, а планиран е и топ за вештачки снег, ако дотогаш не заврне вистински.

„Планираме многу забавни содржини какви досега немало во Скопје. Предновогодишната атмосфера ќе биде по европски терк, не сакаме да заличи на панаѓур. Тендерот за украсување завршува деновиве, за таа намена се одвоени 16 милиони денари. Ќе има и новогодишна прослава на плоштадот, бината ќе се постави пред камениот мост, а кој ќе настапува засега е тајна“, посочи Шилегов.

Фото: Б. Грданоски