Богојески сменет по двочасовен напад во комитетот


Освен за изборите, најмногу време на вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ било потрошена на смената на заменикот-генерален секретар на партијата, Петар Богојески. Речиси два часа траела расправата за него, при што речиси сите присутни ја нападнале работата на Богојески, кој во пресрет на референдумот отворено се залагаше против бојкот, тврдејќи дека прифаќањето на договорот со Грција е влезница за евроатлантските интеграции на земјава. Поради неговите ставови што беа спротивни од оние на раководството, одамна се шпекулираше дека ќе биде сменет што се потврдува првата седница по референдумот.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Богојески е сменет поради непрофесионално вршење на должноста, несовесно извршување на задолженијата и повреда на партиските начела.

Утрово, на својот профил на „Фејсбук“, Богојески искажа благодарност што е ослободен од одговорноста што ја носел на себе и ја пренесувал врз другите луѓе во Иницијативата за реформи.
„Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО-ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на партијата на принципиелни основи. ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас. Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис. Мојата максима беше и останува: „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!” Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, со или без овие политички елити на македонската политичка сцена. Јас сум подготвен на се, само Македонија да излезе од балканскиот кружен тек и да земе правец за Европа! Мотивирани и сигурни во нашата вистина, продолжуваме понатаму со уште поцврсти и порешителни чекори за реформи и обнова на Партијата. На сите со кои соработував во досегашниот период, искрено Ви благодарам!“, напиша Богојески. (Г.А.)