Богдановиќ: Секој ДУП може да се поправи со нов ДУП


Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска одговори на изјавата на неговиот колега од Аеродром, Златко Марин, дека воведувањето мораториум за градба во Центар не е законска, туку политичка одлука. Ставот на Богдановиќ е дека општините можат со мораториум да го сопрат извршувањето на Деталните урбанистички планови, ако одлучат дека им е потребна ревизија.

„Советот на Општина Центар донесува Детални урбанистички планови, а секој ДУП може да се поправи со нов ДУП. Ние донесовме одлука за стопирање на извршување на 30 ДУП-ови, додека не донесеме нови да ги исправиме. Општината е таа која ги носи, нормално дека може и да ги сопре под образложение за мораториум. Досега не сме имале жалба на ова решение. Има институции кои ќе ценат дали тоа е исправно или не. Знам дека тоа е нешто што за прв пат се практикува во државата и јасно е дека во одлуката се наведува по кои законски основи се повикуваме ние“, објасни Богдановиќ.

Тој истакна дека не може да ги коментира плановите на други општини бидејќи не ги знае нивните недостатоци, ниту пак е детално запознаен со фактичката ситуација. За својата општина истакна дека за една година, додека трае мораториумот, подготвила шест нови планови, со цел да се исправат грешките кои се направени во минатото. Плановите, вели Богдановиќ, се веќе подготвени да се најдат пред советниците на седница на Советот. (С.Н.)