„Биди фер“ – децата со попреченост да се вклучат во општеството


Во шест општини низ земјата УНИЦЕФ во партнерство со Скопје филм фестивал организира мини филмски фестивал „Караван за детство без пречки“ за да се промовираат правата и способностите на децата со попреченост.

Денес во Свети Николе „Караванот за детство без пречки“ ќе биде пречекан од околу 400 деца и наставници, родители и претставници од локалната самоуправа. Тие ќе имаат можност да погледнат шест меѓународни, реномирани анимирани филмови на теми поврзани со попреченост кај децата, различности и инклузија. Воведни обраќања ќе имаат градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

За време на настанот, деца и млади со попреченост од Свети Николе ќе зборуваат за своите надежи и планови, за предизвиците на кои наидуваат и за потребата од промена во односот на општеството кон попреченоста. Ќе им се придружат и Ема Ананиевска, пијанистка со оштетен вид и Ива Хаџиманова, ученичка во трето одделение која користи количка.

Ова е дел од новата фаза од кампањата „Биди фер. За детство без пречки“ во која се става акцент на потребата да се ослободи потенцијалот во секое дете.

На 23 ноември караванот ќе биде во Кавадарци, на 28 ноември во Битола, на 11 декември во Штип, на 12 декември во Кичево и на 14 декември во Гостивар.