Бејли против аздисаноста на ДИК


Членовите на Државната изборна комисија си изгласале дополнителна плата за четирите дополнителни месеци за нивната работа по октомвриските локални избори. Тие и претходно си доделувале дополнителни плати и бонуси, па така си се почестиле и за трудот што го дале на минатогодишните парламентарни избори. Иако тоа можеби е легално, во прашање се доведува борбата против корупцијата во земјава.

Со вакви тврдења вчера пред студентите на Факултетот за безбедност во Скопје, каде што одржа предавање, излезе американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли. Зборувајќи за посветеноста на лидерите, институциите, но и на медиумите да разобличуваат коруптивни дејствија, тој како негативен пример го спомена работењето на ДИК.

Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори, кои штотуку завршија. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Гласањето во Комисијата било едногласно, сите партии, сите етникуми, а персоналот во Комисијата добил помали бонуси. Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото, но имам прашање во врска со ова. ДИК е независно тело. Можеби овој потег бил дури и легален, но гласањето се случило зад затворени врати“, рече Бејли.

Тој праша што кажува ова за вредностите на самата комисија, каде што беа „свиркачите“, истражувачките новинари или парламентарните тела за надзор, односно што би сториле сите ние доколку се најдовме во слична ситуација.

Во реакцијата од ДИК, која беше испратена до медиумите во попладневните часови, се наведува дека претседателот и членовите на изборните органи функцијата ја вршат непристрасно, совесно и одговорно, согласно надлежностите утврдени со Изборниот законик и другите позитивни прописи.

Претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок согласно член 19 од Изборниот законик, кој се утврдува со акт што го донесува Државната изборна комисија. Ова право е утврдено за вработените во Државна изборна комисија од 2006 година, а за членовите на Државната изборна комисија од 2014 година. Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собранието на Република Македонија и истиот е објавен на страната на Државната изборна комисија“, се правдаат од ДИК повикувајќи се на регулативите што во голема мера самите ги изгласуваат.

Оттаму велат дека од распишување до завршување на изборите биле во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто траел повеќе од 20 часа.

Одлуките за надомест на изборната администрација се носени врз основа на одговорноста, сложеноста и обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на изборната администрација. Одлуките за надомест се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста, членовите на Државната изборна комисија, одлучија на јавна седница која ќе биде одржана денеска да расправаат по предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори“, се вели во соопштението на ДИК.

ДИК си исплатила екстра пари и лани во јуни, иако изборите воопшто не се одржаа. Покрај редовната плата од илјада евра, членовите добиле и надоместок од три илјади евра за „макотрпната работа“ во тие четири месеци на подготовка на изборите. Надоместокот за избори од илјада евра е законска рамка, а за првпат плус илјада евра членовите на ДИК добија пред три години за двојните претседателски и парламентарни избори. Инаку во сите извештаи на ОБСЕ досега работата на ДИК е сериозно критикувана, пред сѐ поради нетранспарентноста, но и поради лошата организација.

Горан Адамовски