Бејли: Одговорните за 27 април треба да одговараат


Сите што учествувале во настаните на 27 април да одговараат за своите постапки, но во исто време очекуваме да се почитува и пресумпцијата на невиност, порача амбасадорот на САД, Џес Бејли по средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според него, САД заедно со претставниците на ЕУ во Македонија го следат развојот на настаните по приведувањата поврзани со насилствата во македонското Собрание на 27 април.

„Како што веќе кажавме, ние, како пријател и силен поддржувач на Република Македонија, ги следиме овие важни случувања. Полицијата, обвинителството, судскиот систем, треба да постапува транспарентно со целосно почитување на највисоките стандарди. Секако, ние, ЕУ, рековме дека одговорните за настаните од 27 април треба да понесат одговорност, но процесот исто така мора да ја почитува пресумпцијата на невиност“, рече амбасадорот Бејли.

Запрашан за гласините дека негов наследник ќе биде Хојт Ји, Бејли ги отфрли шпекулациите со став дека Белата куќа, единствено овластена за назначување на дипломатите, се уште нема никаква номинација за следниот амбасадор на САД во Македонија.