Бејли: Компромисите со Грција не беа лесни, ама ова е историска шанса


„Кога размислувам за минатата година, во која се случија многу историски настани, сè се сведува на храбро лидерство. Граѓаните на Македонија јасно сакаат пристапување кон НАТО и ЕУ. Премиерите Заев и Ципрас и нивните министри за надворешни работи, работеа на исклучително тешки прашања за да дојдат до договорот од Преспа, што ќе ги отстрани пречките за пристапување. Тие покажаа голема храброст, трпеливост, решителност и посветеност на решавањето на долгогодишниот спор. Ние, исто така, видовме храбро лидерство и во Собранието, кога пратениците гласаа за да се започне процесот на уставни измени, тргајќи ги настрана партиските интереси, во потрага по посветла иднина за Македонија и нејзините граѓани. Конечно, до демократски избраните лидери во Македонија е да направат тешки, стратешки одлуки кои договорот од Преспа ги бара и да го одредат најдобриот курс за земјата. Соединетите Држави ја поддржуваат Македонија и она што граѓаните и лидерите на Македонија ќе решат дека е од најдобар интерес за земјата. Ние знаеме дека компромисите во договорот од Преспа не се лесни, но ова навистина е историска можност за Македонија и за регионот, можност што ќе доведе до посигурна, побезбедна и попросперитетна иднина“, вели американскиот амбасадор Џес Бејли во новогодишното интервју за „ВОА“.

Тој вели дека САД ја поддржува интеграцијата на нашата земја во САД, но потенцира оти тоа е суверен избор на Македонија. Нагласува дека натпреварот и конфликтот помеѓу големите сили се вратија на главна сцена, со лоши актери кои сакаат да го нарушат и дестабилизираат демократскиот систем.

„За да ги поразиме, потребни ни се силни држави, со цврсти демократски основи, слободни медиуми и раздвижени и отворени пазари. Искрено веруваме дека Македонија, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, ќе биде силен сојузник во нашиот заеднички просперитет и нашата заедничка безбедност“, вели американскиот амбасадор.

На прашањето дали има план Б доколку гласањето во парламентот за договорот со Грција не биде ратификуван – одговара негативно. Што се однесува до Законот за амнестија, Бејли смета дека станува збор за важна политичка одлука, усвоена низ еден транспарентен и демократски процес.

„Ние сметаме дека е важно, оние кои ги организираа нападите на 27 април, да бидат земени на одговорност за своите постапки. За време на целиот овој процес, судството мора да остане независно од политички влијанија и слободно да решава за овие случаи врз основа на факти и закони. Како што државниот јавен обвинител Јовески неодамна рече, тоа е она што судиите и обвинителите го прават, го имплементираат законот“, заклучува Џес Бејли во интервју за „ВОА“.

(Целото интервју можете да го прочитате на следниот линк: https://mk.voanews.com/a/jess-baily-macedonia/4732453.html?fbclid=IwAR1NoXZlwCQD4vxhfR3xHY1a6oyjBlYrSbI_33ABYJkHe-zieuQTcRsnmNc )