Бејли: И претходно се знаеше за бонусите, јас само ја поттикнав дебатата


Не ја започнав јас приказната со делењето високи бонуси во Државната изборна комисија. Сите вработени таму го знаеја тоа, и не само во Комисијата. Јас го кажав мојот коментар за да почне здрава јавна дебата за тоа прашање, изјави денеска американскиот амбасадор Џес Бејли во Штип, каде пред студентите говореше на тема корупција.

На прашањето дали државната Антикорупциската комисија треба да работи на овој случај, амбасадорот Бејли истакна дека медиумите треба да ги прашаат нив.

Бејли пред студентите и професорите на Правниот факултет во Штип одржа предавање на тема корупција. Тој во своето излгање забележа дека широко распространета корупција и слабото владеење на правото се две работи, кои одат рака под рака и многу често младите се најголемите жртви на корупцијата.

– Младите стануваат демотивирани, немаат доверба во системот. Тоа ги води до тешкиот избор да заминат од државата по подобар живот, вели Бејли.

Тој забележа дека сите треба да се борат против корупцијата. Граѓаните можат да пријавуваат корупција во државните институции, кај медиумите и Народниот правобранител. Бејли истакна дека токму и заради тоа постои и бројот Пријави корупција.

– Институциите не работат како што треба, па луѓето бараат начин да ги натераат да работат подобро. Најчесто наоѓаат пријатели или подмитуваат некој, кој ќе ја заврши работата. Тоа изгледа како ситна работа, но има силен ефект врз развојот на државата, рече Бејли.

Тој преку примери им укажуваше на студентите дека токму поради постоењето на корупција во институциите многу млади луѓе, но и инвеститори се откажуваат да инвестираат или да отворат свои фирми.

Амбасадорот Бејли оствари средба и со градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски.