Бени Шакири потврди: Аплицирав на конкурсот за директор на МКЦ


Деновиве наголемо се шпекулира и во медиумите и на социјалните мрежи околу објавениот конкурс за директор на Младинскиот културен центар. Меѓу имињата што се споменуваат најмногу реакции предизвика Арбен Бени Шакири. Тој за „Независен весник“ потврди дека аплицирал на конкурсот и вели дека во едно демократско општество секој има право да се пријави на јавен повик.

– Она што можам да го кажам засега е дека аплицирав. Дали ќе ме изберат или не, тоа ќе го кажат службите кои се надлежни за тоа. Не сакам да се занимавам со шпекулации, јас работам благородна работа, не сакам да се занимавам со „ти реков, ми рече“ работи. Конкурсот сè уште е отворен и секој што ги исполнува условите може да се пријави. Можеби ќе се пријават 100 луѓе – вели Шакири.

Бени ги отфрла шпекулациите дека СДСМ како владејачка партија се обидува да го намести на конкурсот.
– Немам ниту партиска книшка. И да не бидам избран, јас немам намера да ниту да се жалам ниту да кревам врева околу тоа. Јас сум музичар и јавноста добро ме познава, од фелата сум, не аплицирам за директор на гинекологија – коментира Шакири.

Актуелниот в.д. директор Русе Арсов за време на презентацијата на годишната програма, која МКЦ ја подговтува за 2019 година, на новинарско прашање дали ќе конкурира на објавениот повик, одговори потврдно.

– Не е наш стил да навлегуваме во тие шпекулации или муабети што кружат за конкурсот. Но, да, ги слушаме и ние веќе подолго време. Ги охрабруваме сите што сметаат дека треба да се пријават и чесно да се борат, нека го сторат тоа – рече Арсов.

Коментарите на социјалните мрежи се во насока дека МКЦ како институција успева со години да се избори да остане и опстане како слободен простор на уметничкиот израз. Затоа, ќе биде погубно доколку партиите се вмешаат и во овој избор.

Конкурсот за директор на оваа институција го објавува Град Скопје, а во него се бара кандидатите да бидат државјани на земјава, во моментот да немаат правосилна судска пресуда за изречена казна или прекршочна санкција, забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршено високо образование утврдено со статус на установата. Да имаат пет години работен стаж во областа на културата или пет години работно искуство на работи или проекти во областа на културата. Потребен е и сертификат или уверение за познавање на англискиот јазик. Во пријава, кандидатот треба да достави и кратка биографија, доказ за работниот стаж, како и предлог-програма за работа и развој на установата.

Ивана Настеска