Белград и Милано најатрактивни за Нова година за Македонците


Белград од соседството и Милано од европските градови се градовите каде македонските граѓани годинава сакаат да ги поминат новогодишните празници.

Цените на аранжманите за Милано се движат од околу 150 евра за две ноќевања и околу 200 евра за три ноќевања, а во цената е вклучено разгледување на градот и пречек на Новата година. Големиот интерес за Милано е поради тоа што во новогодишниот аранжман вклучено е и разгледување на Верона, Венеција или Торино.

Од туристичката агенција „ЈК Травел“ која новогодишното патување за Милано го нуди во пакет со Верона за две ноќевања и во комбинација со Торино за три ноќевања, велат дека поголем интерес има за аранжманот со две ноќевања.

милано

Од европските престолнини примамливи се и Виена, Париз и Рим, но за нив цените се движат од 300 до 500 евра, а помал интерес има за Истанбул каде цената во зависност од аранжманот се движи до околу 300 евра со вклучен авионски превоз.

– Има интерес и за Истанбул, но поретко е баран за разлика од Рим и Париз. Аранжманот за Милано можеби е поатрактивен бидејќи турата е споена со Венеција и Верона, а цената изнесува околу 200 евра, велат од туристичката агенција „Савана“.

Од градовите во регионот годинава најатрактивни се Белград и Нови Сад за каде цените во зависност од аранжманот се движат од 100 до 150 евра со вклучен дочек на Нова година и разгледување на градовите и салашите во Нови Сад.

Белград Нова година

Помал е интересот за зимските туристички центри во соседна Бугарија поради тоа што во цената за новогодишните аранжмани не е вклучена новогодишната вечерва која во просек изнесува од 60 до 70 евра.

– Во Бугарија хотелите имаат задолжителна новогодишна вечера. Моментот е што цените на хотелите се поскапи кога се работи за Нова година, а термините по 7 и 8 јануари се поевтини за 30 отсто во однос на цената што е за Нова година. Новогодишната ноќ од самите хотели изнесува 60 до 70 евра и тоа не зависи од нас, туку е правило од нивна страна. Имаат задолжителна новогодишна вечер, која не е дадена факултативно. Можеби поради тоа за нијанса повеќе е барана Србија во однос на празничната понуда бидејќи во Нови Сад цел аранжман за новогодишната ноќ чини 99 евра, посоуваат од туристичката агенција „Савана“.

Атрактивен и годинава е Златибор во соседна Србија, каде цената за три ноќевања со вклучен новогодишен пречек се движи околу 130 евра. Од туристичката агенција „Атлантик Турс“ велат дека веќе имаат резервирано втор автобус за оваа дестинација.

За љубителите на етно стил туристичките агенции нудат и дочек на Нова година во етно комплексите во Србија каде цените се движат околу 80 евра.

Скопје Нова година 2014

Оние што ќе останат во Македонија ќе треба да одвојат од 1.500 до 3.000 денари доколку сакаат да ја дочекаат Новата година во некои од рестораните и кафеаните, а прославата во домашен амбиент ќе ги чини минимум околу 3.000 денари.