Без ВМРО-ДПМНЕ, нема СЈО


Лидерите на најголемите политички партии, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, закажаа синоќа лидерска средба за да се договараат како да се обезбеди мнозинство за предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство, во чии предмети се обвинети и осомничени високи функционери на ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ. Иако со новиот предлог-закон „бомбите“ нема да бидат докази за предметите што се отворени по 30 јуни 2017 година, сепак, обезбедувањето на двотретинското мнозинство нема да биде воопшто лесно, со оглед на тоа дека за опстанокот на СЈО поддршка треба да се бара од осумте независни пратеници и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии припадници или нивни блиски роднини се обвинети во случаите на ова обвинителство.

Според неофицијални информации, власта им оставила простор на пратениците да го разгледаат законот, во меѓувреме имало некои неформални средби за разјаснување на одредени одредби во него, но потврда за поддршка уште нема. Извори од Министерството за правда брифираат дека од денеска па натаму за обезбедување на парламентарното мнозинство ќе преговара министерката за правда Рената Треневска-Дескоска. Според премиерот Зоран Заев, власта досега има обезбедено поддршка од 68 пратеници, а тој верува дека оваа бројка треба да расте за да се изгласаат другите закони од реформскиот пакет. Во овие 68 гласа се сметаат и гласовите на пратеникот од ДУИ, Ејуп Аљими, кој е обвинет во случајот на СЈО, „Титаник“ 3, гласот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е осомничен во случајот на СЈО со поранешниот коалициски партнер Никола Груевски во случајот „Попис“. Мнозинството се комплицира и со гласот на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој на петокот беше осуден на три години и два месеца затвор заедно со Сашо Мијалков во случајот „Титаник 3“, но и со притворањето на поранешниот член на Државната изборна комисија од редовите на ДПА, Бедредин Ибраими, кој беше осуден во истиот случај. По меѓународниот притисок, ДУИ јавно соопшти дека ќе го поддржи предлог законот за СЈО, но сега иако министерката за правда Рената Дескоска рече дека не постои никаква скриена амнестија, се појавува сомнеж дали ќе се спасат од кривичен прогон оние што ќе кренат рака за СЈО.

Ставот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, даден пред лидерската средба, беше дека СЈО не ги исполнило очекувањата и дека јавниот обвинител треба да се избира на предлог на опозицијата. Сепак, како изненадување, пред лидерската средба подготвеност да го поддржи законот изрази пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој е обвинет во два случаи на СЈО – „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности, и предметот „Талир“, кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за радио Слободна Европа, Димовски вели дека се обидува да диференцира став што ќе значи и поддршка, ако е потребно, за понатамошно постоење и функционирање на СЈО, но не кажува дали ќе бара некакви отстапувања од законот. За него дел од предметите се базираат на сериозни докази, а дел се политички.

„Сето тоа би било спакувано во еден систем што ќе значи гаранција на човековите права, што ќе значи гаранција на владеење на правото. Јас би размислил да дадам поддршка на понатамошно постоење на СЈО, посебно поради тоа што сум дел од тие постапки. Од тој аспект, јас не се чувствувам виновен. Јас впрочем и не сум бил одговорно лице за материјално-финансиско работење за тоа што ме тангира на некој начин СЈО. Формално-правно јас не треба да бидам дел од тие предмети, но сакам да го покажам тоа, сакам да пратам сигнал дека да, ако сум подготвен да се носам и да присуствувам на тие судски процеси и да спорам со законите, со постапките и со доказите, тогаш секој политичар треба да го помине тој процес ако има каков било сомнеж“, вели Димовски.

Оваа изјава го отвора патот за можна поддршка на дел од пратениците од опозицијата за законот, но факт е дека преговорите нема да бидат лесни, ако се земе предвид и изјавата на министерката Дескоска дека меѓународниот фактор нема да прифати каков било закон.

Притворот на Мијалков – чекор кон правда или поентирање на власта?

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој, како што потврди и премиерот, учествувал во обезбедувањето на мнозинството за уставните измени, изненадувачки, кога власта е во потрага по ново мнозинство, заврши во притвор и беше осуден на три години затвор за местењето на избори во Струмица, кога кандидат за градоначалник беше сегашниот премиер Зоран Заев. Во јавноста се појавија првите сомнежи дали притворот ќе биде искористен за обезбедување на плус гласови, дали претставува само евтин трик пред претседателските избори или вистински чекор кон правда.

„Веќе навикнати на фарсичноста со случаите на СЈО и длабоко навлезени во кампањата за претседателските избори, оправдан е сомнежот дека пресудите се само евтин предизборен маркетинг. На сличен начин имаше пресуда и за бившиот премиер Никола Груевски, кој потоа ‘случајно’ им побегна на властите и побара азил во Унгарија, за чие исценирано бегство сè уште ниту една инстанција од власта не понела одговорност. Сашо Мијалков веќе еднаш беше пуштен дома од притвор за случајот ‘Империја’, и тоа по барање на самото СЈО. Сè додека не се ослободиме од олигархискиот систем на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ што судската власт, заедно со целата држава, ја држи во заложништво, правда нема да има“, реагираат од партијата Левица по изречените затворски казни.

Дали затворските казни ќе станат правосилни зависи од Апелацискиот суд, но и Врховниот суд, каде што сигурно ќе стигне пресудата откако ќе ја обжалат обвинетите. Иако обвинението за предметот за Мијалков е поднесено на 29 јуни 2019 година, односно пред спорниот рок од 18 месеци од преземањето на прислушуваните материјали, сепак, одбраната на обвинетите го спори и овој рок.

„По истекот на 18. месеци од преземањето на материјалите, СЈО не е овластен тужител. Материјалите за овој предмет се земени на 4 декември 2015 година, а обвинението е поднесено на 29 јуни 2017 година, или 25 дена по истекот на рокот“, тврдеше во завршните зборови адвокатот на Мијалков. Сепак, според толкувањата на СЈО, рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија почнува да се смета од примањето на прислушуваните материјали, а тоа е 30 декември 2015 година.
На 4 декември 2015 година СЈО презеде десетици предмети од Основното јавно обвинителство, но без снимките од разговорите кои беа преземени на 30 декември. Во овој случај Врховниот суд нема да може така лесно да одлучи дека СЈО е неовластен тужител бидејќи обвинението е поднесено до 30 јуни 2017 година и правното мислење што го утврдија врховните судии не би требало да има влијание врз овој предмет. И правните експерти немаат единствен став дали и како би требало да одлучуваат повисоките судови во овој случај.

„Како што почнал Врховниот суд, и тоа и ќе се случи – овој случај да падне. Меѓутоа, дали е тоа законско и правилно, јас би рекол не. Мислам дека таа одлука на Врховниот суд е незаконита и не знам како би можела да се врати назад. Различното постапување во судовите внатре, Основниот суд, Апелацискиот и Врховниот суд, очигледно покажува дека не се единствени во правораздавањето, немаат единствен став пониските судови со повисокиот суд. Тоа јасно укажува дека внатре има несогласување“, вели поранешниот јавен обвинител Александар Наков.

„Нормално има можности да интервенираат повисоките судови ако има повреди на постапката, ако нема доволно докази дека е сторено кривично дело. Бидејќи судијата Огнен Ставрев, кој го водеше предметот, е со големо искуство, јас верувам дека ги имал предвид сите работи. Однапред не се знае и не може да се предвиди, секој случај е посебен“, вели поранешната судијка во Врховниот суд, Милка Ристова.

Во случајот „Титаник 2“ во петокот затворски казни од три години и два месеца доби лидерот на ДПА, Мендух Тачи, највисока казна од четири години и шест месеци затвор доби поранешниот член на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, останатите поранешни членови, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска, беа осудени на три години, а иста толкава казна доби и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Фросина Факова – Серафиновиќ