(ФОТО) Безгрижниот живот на Груевски во Будимпешта


Додека јавното обвинителство најавува дека во наредните две недели ќе излезе со информации за бегството на Никола Груевски протекоа и првите фотографии и видео-снимки за безгрижниот живот на поранешниот премиер во унгарскиот главен град Будимпешта.

Денеска се појави видео од Груевски, кое го снимиле новинарите на унгарскиот медиум „24.hu“, кои опремени со камера го чекале поранешниот премиер да излезе од ресторанот каде што ручал.

Весникот пишува: „Никола Груевски живее безгрижен живот во Унгарија. Во средата тој замина со шофер на ручек во еден од најскапите ресторани во Будим ‘Кафе 57’. Поранешниот македонски премиер беше на ручекот со двајца мажи, потоа ги напушти, брзо влезе во автомобилиот ‘фолксваген шаран’ и возачот замина со чкрипење на гумите“.

Ресторанот „Кафе 57“ се наоѓа во еден од најбогатите квартови на Будимпешта и е познат по скапата и ексклузивна храна.
Дописникот на британски „Гардијан“, Дан Нолан, во вторникот на Твитер објави фотографија од Груевски во Будимпешта, прва по неговото бегство од Македонија со порака „Го фатив“. Груевски беше снимен како оди од познатата „Фешн стрит“ кон центарот на Будимпешта.