Баџанакот на Џафери на „томбола“ избран за заменик-претседател на Антикорупциска


На првата седница на Антикорупциска, денеска, Нури Бајрами на „среќа“ е избран за заменик-претседател на Комисијата.
Баџанакот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Нури Бајрами, за кого во јавноста имаше многу критики што воопшто се пријавил за член на Антикорупциска, покрај фактот дека е роднина на претседателот на Собранието, денеска повика да престанат прозивките на негова сметка.

„Видовте дека изборот беше случаен, би сакал прозивките да запрат тука“, рече Бајрами, по жрепката. Имињата на сите членови на комисијата биле ставени во барабан, а за заменик-претседател извлеченото топче го покажа неговото име.

Инаку, денеска, на првата седница на комисијата треба да се расправа и за судирот на интереси, а тоа е последна точка на дневен ред.