Барањата за притвор на пратениците пред Комисија за мандантно-имунитетни прашања


Комисијата за деловнички и мандантно -имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањата за притвор за шестте пратеници на барање на Основниот суд Скопје 1.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера согласно член 53 став 5 од Деловникот на Собранието ги достави до Комисијата за мандантно-имунитетни прашања барањата за одобрување на притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска поднесени од Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција.

Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство. По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Заменик претседател на Комисијата е пратеникот Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски, а заменици се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.

Неколкумина пратеници се меѓу 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.