Балканот зафатен од студен бран


Од североисточнит дел на Европа на Балканот вчера пристигна студен бран кој ќе се задржи пет дена, а на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од снег кој ноќеска паѓал во голем дел на регионот.

Во поголемиот дел на Бугарија денеска се очекува ветар со брзина и поголема од 30 метри во секунда, како и обилни врнежи снег, јавија локалните медиуми.

Портокалов метео аларм е прогласен за областите Добрич, Варна, Бургас и Сливен, а во поголемиот дел од земјата се изадени предупредувања за обилни снежни врнежи и виулици.

Во планинските предели во Бугарија ќе има обилни врнежи снег.

Главната дирекција „Пожарна безбедност и заштита на населението“ соопшти дека е подготвена со привремени засолништа за бездомници и оти само во Софија 138 лица ноќта ја поминале во кризни центри.

Во Софија во текот на ноќта работеле 163 машини за чистење снег, а утрово во шест часот најфреквентните улици биле третирани со смеси против замрзнување.

Снег падна и во Грција, а на социјалните мрежи се објавени фотографии од летувалиштето Паралија покриено со снег.

Снег се прогнозира и за Солун и Атина каде поради студениот бран е отворено уште едно засолниште со греење за бездомници.

Студениот бран ќе донесе исклучително ниски температури во цела Грција.

И во поголемиот дел на Хрватска ноќеска се измерени минусни температури, а во Ријека утрово се измерени минус 1,2 степени Целзиусови. Во градот и околината синоќа паѓал и снег кој извесно време успеал да се задржи на некои површини.

Температурата во Хрватска денеска ќе биде малку пониска, но со послаб ветар. Силен ветар повторно ќе задува кон крајот на неделата. Хрватските метеоролози најавуваат дека викендов ќе биде малку помалку студено, а на почетокот од наредната недела повторно се зголемува веројатноста за минусни температури и покрај море и на копно. Во однос на снегот, засега се најавуваат слаби врнежи.

Во Босна денеска се очекува облачно време со слаби врнежи снег кои кон крајот на денов постепено ќе престануваат. Според метеоролозите, очекуваната висина на новата снежна покривка е од два до 10, а во планинските подрачја до 15 сантиметри.

И за Сараево се најавува облачно време со снег и максимална температура од минус два степени Целзиусови. Во текот на денот вренежите ќе слабеат и постепено ќе престанат.

И прогнозата за Србија за денеска е студено време со слаби врнежи од снег, воглавно во северниот, западниот и југозападниот дел на земјата со мало зголемување на висината на снежната покривка.

Следниот снежен бран во Србија од север ќе пристигне веќе утре попладне.

Во Црна Гора за денеска се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди и студено во јужните и централните предели. Во северниот дел на земјата ќе биде претежно облачно и многу студено, со слаби врнежи од снег. За ветарот се прогнозира дека ќе биде умерен до силен, а некаде и многу силен, а ќе дува од северен и североисточен правец.