Атина утре ќе ни испрати вербална нота дека се ратификувани договорот и протоколот


Вербална нота дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО во понеделник ќе испрати Атина до Скопје.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, ги објасни следните чекори откако грчкиот парламент во петокот го одобри Протоколот за членство на Македонија во НАТО, а претходно го ратификуваше договорот од Преспа.

– Во понеделник ќе биде испратена вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот. Потоа, Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што отсега ќе биде со новото уставно име. Од понеделник започнуваат нејзините обврски внатрешно да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено, вели Катругалос.

Тој одговара позитивно на прашање дали од следната седмица соседната земја ќе биде обврзана да го користи новото име, посочувајќи дека Преспанскиот договор е јасен во тој дел.