Арбр Адеми ќе ги продолжи проектите на Дескоска


Новиот министер за образование и наука, Арбр Адми, ќе ги продолжи започнатите активности, мерки и проекти во ресорот со ист ентузијазам. Ваквата намера ја најави при примопредавањето на функцијата од досегашната министерска Рената Дескоска.

„Мојот фокус и на мојот тим останува на реформирање на основното и средното образование, преку усвојување на новите законски решенија. Исто така, примена на новите наставни програми, изработка на учебници со одобрена содржина, поголема промоција на средното стручно образование, каде што веќе започнавме заедно со министерката Дескоска, имплементација на концептот дуално образование“, рече Адеми.

Имплементација на програмата Кембриџ за средното образование е пролонгирана и оваа година, а за основното образование уште се прават консултации преку сеопфатен процес, а Министерството навремено ќе извести за сите одлуки и постапки. Покрај ова, ќе се работи на поттикнување на креативноста на наставниците и иновативноста на учениците.

Во делот на високото образование, министерот рече дека останува да водат сметка за примена на сите одредби кои се дел од новиот Закон за високо образование што треба да обезбеди добри стандарди за работа и квалитет. Што се однесува во делот на науката ќе се залага да се издвојат повеќе пари за нови можности и за развој. Министерот подвлече дека се расположени да соработуваат со сите засегнати страни кои имаат добри идеи и предлози за да се подобрат состојбите. За неговото работење вети искрена и максимална заложба и посветеност, отвореност и транспарентност.

Адеми и досега беше во најтесното раководство како заменик-министер. За одличната соработка ѝ се заблагодари и на досегашната министерка во ресорот Дескоска и ѝ посака успех во новиот ресор, правда.

„Заедно партнерски се справуваме со сите предизвици, успеавме да реализираме многубројни активности и по мое убедување покажавме ажурност, истрајност и искрена заложба за подобрување на состојбите во образовниот систем“, рече Адеми.

Актуелната министерка Дескоска, обраќајќи се до медиумските работници, рече дека ѝ било драго што образованието го следеле на еднакво ниво како и другите теми. „Се надевам дека истиот интерес и ќе остане и со новиот министер“, рече Дескоска.

 

Вероника Мароска-Леова