Арачиново по историската победа на СДСМ


Арачиново е општината која испиша нова приказна. Првпат по осамостојувањето на Македонија, изборите во оваа општина ги освои македонска партија. СДСМ победи на предвремените парламентари избори во декември 2016 година, а потоа и на локалните во октомври минатата година. Она што албанските партии сите овие години не можеа да го направат, градоначалничката на Арачиново од редовите на СДСМ е убедена дека ќе успее.

Жителите на Арачиново беа уморни од неостварените ветувања на албанските политички лидери, поради што на минатогодишните избори ги казнија давајќи голем број од своите гласови на СДСМ и на нивната изборна програма. Зоран Заев го видоа како спасител, дури и го нарекоа ангел паднат од небото.

Заев пред изборите неколкупати беше во Арачиново. Секоја негова втора порака беше „едно општество за сите“ и дека ќе има живот и во Арачиново. Сите надежи на жителите на Арачиново се вратија кога тој седна на премиерското столче. Благодарение на ветените проекти, кои беа вградени во изборната кампања на СДСМ, партијата на Заев во Арачиново освои 2.052 гласа.

Ова беше само почетокот. Имајќи ја предвид големата поддршка што ја имаше СДСМ на предвремените парламентарни избори, Заев на локалните избори ја номинираше Миликије Халими за кандидат за градоначалник на Општината. Пред жителите вети дека ќе остане зад Халими и ќе ја поддржи во реализацијата на проектите. Така, на локалните избори минатата година, Халими убедливо победи во првиот круг. Со 3.067 гласа, 1.000 повеќе од парламентарните избори, таа беше избрана за градоначалник, а првпат по локалните избори премиерот вчера го посети Арачиново. Освен што најави дека Општината ќе има нова зграда, премиерот додаде дека голем број ветени проекти за оваа општина се веќе реализирани.

„Досега успеваме да реконструираме училишта, ги реконструиравме и муслиманските и христијанските гробишта. Се работи на проектот за канализација и обезбедување здрава и квалитетна вода за пиење“, додаде Заев.

Но, и покрај тоа, во разговор за „Независен весник“ арачиновци не се така убедени дека ветувањата на премиерот се реализираат. Нивни главни барања се да се решат основните проблеми со канализацијата, водата и инфраструктурата и дека за жалење е во 21 век сѐ уште да се зборува за овие проблеми.

Градоначалничката на Арачиново во интервју за „Независен весник“ оцени дека ентузијазмот и позитивната атмосфера се присутни насекаде во населбата и дека Општината работи на жителите да им понуди подобар и поквалитетен живот.

„Многу сум задоволна и позитивна бидејќи сметам дека имаме добар почеток, а резултатите ќе бидат видливи во наредниот период. Реализиравме многу активности со училиштата, реновиравме неколку од нив создавајќи подобра и помодерна инфраструктура за нашите деца“, рече Халими.

Што се однесува до канализацијата, која веќе подолг период ја бараат жителите на Арачиново, Халими рече дека овој проблем е присутен повеќе од 30 години и бара уште време за да се реши.

„Еден дел од канализацијата е веќе завршен. Со оглед на тоа дека краток период сум на градоначалничката функција, постигнавме многу, или поточно изградивме две од шест крила на канализација, односно околу три километри. Ние ветивме дека за четиригодишниот мандат ќе го решиме проблемот со канализацијата и водата за пиење и резултатите ќе бидат видливи за кратко време“, истакна градоначалничката.

Седум месеци откако е градоначалник, според Халими, во Општината веќе може да се забележи почиста средина.

„За краток временски период успеавме да ја исчистиме дивата депонија, која подолг период беше на исто место, и таа е веќе историја. На тоа место планирано е да има парк за нашите жители“, додаде Халими.

Според неа, во наредниот период приоритети на Општината исто така ќе бидат изградба на градинка и подобрување на условите во образовниот систем. Но, колку граѓаните се задоволни од досегашната работа на Халими? Тие и натаму имаат страв од политиката и затоа побараа да останат анонимни, но со поодделени мислења.

„Што е сработено?! Како и секогаш – ќе дојдат, ќе ги земат гласовите и нема ниту еден резултат потоа“, рече еден жител.

„Рано е да се каже дали нешто направила или не. Ќе почекаме уште малку. Ние сме докажале во минатото дека ако не работат како што треба, знаеме да ги казниме“, објасни друг жител.

„Не направи ниту еден капитален проект. Засади само околу 10-20 дрвца во едно школо и постави околу 30 бекатон-плочки и ништо друго не направи“, рече трет граѓанин.

Во Општина Арачиново живеат околу 15 илјади граѓани, вклучувајќи ги тука и жителите на селата Арачиново, Орланци, Грушино и Мојанце.

Арменд Мурсели/Блерим Исмаили