Апсења за бугарските пасоши и во Србија – во Македонија мирно


Скандалот во Бугарија околу издавањето бугарски пасоши на лица од Молдавија, Украина, Македонија и Албанија, при што беа уапсени државни службеници, се прелеа и во Србија. Четири лица завчера се уапсени на југот од Србија под сомнение за примање мито и поткуп, поттикнување и фалсификување документи за добивање на бугарски пасоши.

Во Македонија засега е мирно, иако нашата земја е посочена како шампион во однос на тоа колку граѓани поднеле барање за бугарски пасош.

Од МВР вчера ни рекоа дека не добиле барање од бугарска страна за да се вклучат во истражните дејствија за аферата која со денови ја тресе Бугарија. „Доколку добиеме такво нешто, веднаш ќе постапиме соодветно“, велат од МВР.

Уапсените во Србија се од Пирот, Димитровград и Ќуприја. Еден од нив е лекар, а еден е вработен во јавната администрација. Според српската полиција, двајца од осомничените го плаќале лекарот да издава уверенија, без да ги прегледа пациентите, а потоа службеник од матичното одделение во Пирот бил платен да ги смени податоците на истите лица во матичната книга на родени и да впише дека имаат бугарско потекло. Потоа лажираната документација била предавана на државните органи во Бугарија за добивање на бугарски пасош.

Јавна тајна е дека во Македонија врие од посредници кои треба да ви го отворат патот до „златниот документ“, а кој ќе ви ги отвори европските врати. Познавачите велат дека сите имаат полни раце работа. Тие не веруваат дека процедурата е сосема чиста за да нема работа за македонската полиција, која ете чека „амин“ од Бугарија. Бројките практично уриваат рекорди, а источниот регион и градот Делчево и натаму се рекордери по извадени и поднесени барања. Одредени информации велат дека 70 отсто од граѓаните на Делчево веќе имаат двојно државјанство.

Потврда за тоа даде и Катја Матева, поранешен директор на Одделот за бугарско државјанство во Министерството за правда, која, како што рече, поседува документација за издавањето патни исправи, обвинувајќи го вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека неговата ВМРО се издржувала од продажбата на бугарски државјанства.

Таа истакна дека во јавност нема да ги презентира доказите и дополни дека не дала согласност за објавување на дојавите кои ги поднела во државната агенција Национална безбедност во 2016 година. Таа е разрешена кон крајот на 2017 година, по дисциплинска постапка, но не знае кои биле мотивите, ниту била повикана да даде објаснување.

На обвиненијата од министерот за одбрана и лидер на ВМРО, Красимир Каракачанов, дека водела антибугарска политика, давајќи им на турските граѓани предност пред оние од Македонија, таа одговорила дека го почитувала законот.

Како аргумент за тоа, таа наведе дека во период од 15 години, од 2011 до 2016 година, вкупно 1.200 луѓе од Турција добиле бугарско државјанство наспроти 70.000 од Македонија и 31.000 од Молдавија.

За добивање на бугарски пасоши, поткуп се плаќал и во биткоини. Обвинителството во Бугарија информираше дека при претресите, покрај пронајдените пари имало и биткоини. „Вклучително во собраните докази има пронајдено и адреси на биткоин паричници и има докази дека дел од паричните средства од поткупите биле трансферирани во виртуелни валути“, вели обвинителот Ангел К’нев.

Во притвор остануваат тројца од четворицата обвинети: директорот на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, генералниот секретар Красимир Томов и Марко Стојов. Четвртата обвинета, поради влошената здравствена состојба, е пуштена да се брани од слобода со парична гаранција.

Истрагата е започната во јули лани, откако Харалампиев стапил на функцијата. Обвинителството ги сомничи  Харалампиев и секретарот Томов дека ја организирале групата за да издава неосновани потврди за бугарско потекло на странци, заради добивање бугарски пасош. За таа услуга наплаќале од 5.000 до 8.000 евра. (Н.К.)