Аплауз и незаборав за Горан Стефановски


Колегите, пријатели, дел од поширокото семејство на ненадејно починатиот драмски писател Горан Стефановски денеска присуствуваа на комеморацијата во Драмски театар во Скопје.

Се проследија инсерти од неколку филмови чии сценарија беа на Стефановски, реплики од неговите најпознати драмски текстови, но и пораки од неговите соработници.

Театарска фела се собра да му оддаде почит на големиот писател кој, по кратко боледување почина во Кентербери, Англија.

Актерите од Драмскиот театар прочитаа и извадоци од неговата пристапна беседа во МАНУ во 2004 година.

„Имам пет години. Премиера на Македонска крвава свадба во Народниот театар во Прилеп. Никој не ми кажал дека на крајот на претставата ќе ја убијат мајка ми Нада. Некој вади кубура, пука во неа, таа паѓа мртва, се спушта завесата, почнува аплауз во публиката, јас плачам. Доаѓа мајка ми по мене, ме убедува дека тоа не е ништо стварно, дека е театар, дека не боли. Но, јас веќе не ѝ верувам, ниту тогаш, ниту подоцна, ниту сега, иако таа е одамна покојна. Од тој момент почна мојата фасцинација со тоа што е стварно, а што привид, што е кулиса, а што сцена“, запишал Стефановски во „Нашата приказна“.

Порака испрати и Паоло Маџели, италијанскиот режисер кој триесетина години живее и работи во Загреб. Во македонските театари, тој има поставено неколку претстави, меѓу кои и „Тетовирани души“ и „Црна дупка“ од Стефановски.

„Горане, сакам да те поздравам. Мене ми е ужасно тешко да ти зборувам тебе и да зборувам за тебе. Нашата приказна е многу долга.

Откако слушнав дека си замина, илјадапати во главата ми дојдоа слики, со тебе, со Влатко, се сеќавам и на вашата мајка. Се потсетувам и на нашите бесконечни разговори за театарот, на заедничката работа, на нашите писма и долги телефонски разговори…“, вели во пораката италијанскиот режисер Паоло Маџели и додава дека Горан сега ќе биде уште поприсутен.

Телеграма со сочувство испратија и од Југословенското драмско позориште, кои велат дека загубата на големиот писател ќе ја почувствуваат и тие.

„Заминувањето на нашиот Горан длабоко не погоди сите нас во театарот. Ние сме поврзани со неговата уметност и неговата племенита личност, но и како публика уживавме во неговиот голем талент. Знаеме колкава е загубата од прераното заминување на еден од најголемите драмски писатели во светот, не само во регионот“, се вели во телеграмата.

Присутните актери, режисери, пријател го испратија Стефановски со петминутен стоечки аплауз, ветувајќи дека ќе се слави неговото лик и дело.

Горан Стефановски е роден во Битола во 1952 год. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонската академија на науките и уметностите.

Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Неговите драми „Диво месо“, „Дупло дно“, “Тетовирани души„ и уште многу други засекогаш ја обележаа македонската културна сцена во изминативе неколку деценији.

Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

 

 

фото:Б.Грданоски