Апелација ја укинала пресудата за Грујевски пред два месеца


Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата, односно затворската казна од година и пол, за поранешниот разузнавач Горан Грујевски за предметот „Тврдина 2“ уште на 10 април, односно пред два месеца. Одлуката на судот е објавена на интернет-страницата на Судот на 18 мај, дента кога Врховниот суд во Атина одби да ги екстрадира и Грујевски и неговиот колега, Никола Бошкоски.

Сепак, јавноста за оваа одлука дозна на 31 мај, кога беше објавено во медиумите. Во Основниот суд Скопје 1 и по два месеца од одлуката на Апелација нема закажано повторно судење за овој случај.

Образложението на Судот за укинувањето на пресудата е поради сторени суштествени повреди на одредбите од кривичната постапката, односно дека Судот му судел на Грујевски во отсуство иако тој бил во екстрадициски притвор во Грција и постапката сѐ уште не била завршена.

„Оттука, во ситуација кога екстрадицијата е можна, мора да се оди на екстрадиција на обвинетиот за конкретниот предмет, а судење во отсуство би можело да се спроведе само доколку екстрадицијата се одбие од страната на замолената држава, или доколку екстрадицијата не е можна“, се вели во одлуката на Апелација.

Судот ја одби жалбата да и се укине пресудата на една од службеничките од УБК обвинета во овој случај, која беше осудена на условна казна. За „Тврдина 2“ обвинети се Грујевски и шест службенички од УБК за уништување на документација од незаконското прислушување. На Грујевски треба да му се суди и во предметот „Таргет – Тврдина“, за масовното прислушување, но по одлуката на Врховниот суд во Атина кој одби да ги екстрадира Грујевски и Бошкоски, најверојатно ќе му се суди во отсуство.

Министерството за правда сѐ уште ја чека пресудата од грчкиот суд за да испрати друго барање за екстрадиција.(Ф.Ф.С.)