Апелација ја потврди затворската казна за Груевски


Апелациониот суд ја потврди затворската казна за поранешниот премиер Никола Груевски, со што пресудата со која е осуден на две години затворска казна за случајот „Тенк“ односно набавката на луксузниот мерцедес станува правосилна.

„Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители судот ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, соопштуваат од Апелација.

Апелација донесе одлука и по жалбите за помошникот министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски кој со првостепената пресуда во истиот случај „Тенк“ беше осуден на казна затвор од шест години и шест месеци и му ја намали казната на четири години.

„Жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди“, се вели во одлуката на Апелација.

Кривичниот суд Скопје на 23 мај година за набавката на луксузниот мерцедес вреден 600 илјади евра, го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор.

Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.