Анѓушев: Прашањето за името треба да се реши, но да не се попушта за идентитетот


Прашањето со името треба да се реши. Северна, Горна или Нова Македонија, за тоа народот треба да си каже. За мене Северна, Горна и Нова е прифатливо, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Според него, решавањето на името е и внатрешно прашање и тоа се поврзува и со економијата, бидејќи ако за економски просперитет треба покрај економски мерки да има и владеење на правото и стабилна политичка состојба, а за тоа Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО.

– Сите предуслови за тоа да можете да го направите е да најдете решение и компромис за името. Свесен сум дека тоа мора да се реши. Оваа Влада има капацитет и отвореност да разговара на оваа тема, гледаме дека има позитивни сигнали и од меѓународната заедница, вклучително и од грчката страна. Црвената линија за којашто не треба да се попушти е идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот… и дека за името треба да направиме една одредница којашто ќе биде интернационално прифатлива. Значи јас сум на мислење дека треба да се реши тоа прашање. Северна Горна или Нова Македонија, тоа народот ќе си каже. За мене и Северан и Горна и Нова е прифатливо, рече Анѓушев.

Во врска со зголемувањето на даноците, Анѓушев образложи дека во сегашната Влада никој не дискутира за зголемување на ДДВ, на данокот на добивка, на данокот на имот. Се зборува само за зголемување на персоналниот данок и тоа само кај богатите категории граѓани. Вели дека мора да се направи една подобра социјална рамнотежа во државата.

– Таквото имплементирање на закон Владата не го брза, значи сака да направи соодветна анализа. Станува збор само за лични приходи над неколку илјади евра, даночната стапка да порасне на 18 отсто додека за сите останати да се намали на девет отсто. Ценам дека таа идеја треба да се разгледа и дека можеби треба само да се размисли колку високо да се постави летвичката, до која плата и над која плата да биде таквото оданочување, образложи Анѓушев.

Според него, состојбата во администрацијата каде од една страна има превработеност, а од друга страна недостиг на соодветни стручни кадри ќе се решава со т.н меки механизми.

– Во администрацијата има многу луѓе кои се здомени, практично не можете многу да ги искористите, а од друга страна имате дефицитарни кадри кои едноставно ги немате и сега тоа е расчекорот меѓу зборувањето и однесувањето. Тие луѓе веќе се вработени, да ги отпуштите сите на улица тоа би било лошо или од нивен аспект, некој реваншизам, вели Анѓушев.

Според него, нема да се прави реваншизам но постепено и полека според она што се нуди во една од мерките во новата економска програма, се нуди можност секој којшто ќе преземе вработен од администрација ќе му биде вратена 20 отсто од нето платата.

– На пример, ако имате ваша фабрика и сакате да преземете некого од администрација, во тој случај платата што ќе му ја дадете на вработениот, 20 отсто државата ќе ви ја враќа назад. Ова е еден т.н мек механизам, со цел некој да не оставиме на улица. Овој вишок во еден период од една или две години ќе го решиме, тврди Анѓушев.

За новоизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вицепремиерот вели дека му бил колега од Машинскиот факултет, добро се познавале и соработувале.

– Ја охрабрувам целата опозиција да биде силна, бидејќи држава без силна опозиција може да забега во води како што ги имавме овие претходни 11 години. Посакувам ВМРО-ДПМНЕ да излезе од оваа проблематична ситуација и да биде еден сериозен коректив на работење на Владата. Мислам дека тоа ќе биде добро за целата заедница и за целото општество, рече вицепремиерот Анѓушев во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77.