Анѓушев: Загревањето на домовите најмногу придонесува за загадувањето, индустријата најмалку


Проблемот со загадувањето треба да се реши со дејствување врз изворите, а не врз последиците, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на пратенички прашања на денешната седница на Собранието.

Како што наведе, анализите за загадувањето покажуваат дека прв и најголем извор на загадувањето е загревањето во зимските месеци, втор се автомобилите, односно транспортот, а индустријата е на трето место.

Мора да се измени начинот на греење со дрва, ќумур, сецкани гуми или други енергенси со сериозна полуција на штетни издувни гасови или т.н ПМ честички. Гасификацијата, потенцираше, ќе биде многу важен чекор и со неа треба да тргне од таму каде нема топловодно греење.

– Конкретно за Скопје гасификацијата треба да тргне од надворешните прстени кон Центар, а топловодната мрежа од Центар кон надвор, рече Анѓушев.

За транспортот, како втор извор на загадувањето, најштетен момент била дозволата за увоз на автомобили со ниски еколошки стандарди. Сега, како што рече, подобро е да најдеме начин како да ги субвенционираме автомобилите кои работат на гас и електрична енергија и да им помогнеме на граѓаните да дојдат до еколошки автомобил.

Во однос на индустријата како извор на загадувањето напомена дека владата истраја на определбата Комбинатот Југохром да не биде пуштен без да се изгради потребниот филтер.

– Во индустријата не треба да има алтернатива и толеранција во делот на издувните гасови. Мораме да го решиме проблемот насекаде каде не е решен, а Југохром ќе биде добар пример. Филтерот веќе се гради. Истото мора да го решиме и со енергетските објекти, наведе вицепремиерот.

Во РЕК Битола, додаде, има сериозен проблем со договор од 2012 година со кој котлите биле реконструирани, но не се мислело на екологијата. Уште поголем проблем е што не се постигнати перформансите од енергетски аспект што требало да се постигнат, а се потрошени 65 милиони евра.

– Ова ќе биде еден од најголемите предизвици за разрешување, а нормално тука веројатно ќе следи и судски спор и институциите ќе си завршат својата работа во делот на одговорноста, рече Анѓушев, одговарајќи на прашање од пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ.

Лазаревска се интересираше и за плановите на државата во однос на одржување на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион, каде, како што рече, состојбата е критична бидејќи е застарен и со голем дел нефункционални станици.

Според премиерот Зоран Заев, кај Владата има сериозна посветеност за решавање на тоа прашање. Информира дека се подготвува закон за формирање на државно јавно претпријатие за управување со колекторскиот систем во Охрид, а со тоа државата ќе го преземе управувањето и обврската за реконструкција и надградба