Антивакцинална кампања го зема својот данок во главниот град


Епидемија на морбили, односно мали сипаници, во Скопје прогласи Министерството за здравство поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче вчера изјави дека шест од новите случаи се потврдени преку соодветни анализи, останатите шест се со јасна клиничка слика за кои денеска се чекаат и официјални лабораториски потврди. Заразени со морбили се осуммесечно бебе и деца на возраст од три до пет години, како и двајца возрасни на 31 и 47-годишна возраст. Заразените ја немаат примено вакцината МРП. Ваквата ситуација ги принуди здравствените власти да донесат времена мерка со која се забранува децата што не се вакцинирани со МРП да се носат во градинките во Скопје.

„Информираме дека на територијата на градот Скопје има 12 нови случаи, шест се дефинитивно потврдени со соодветните анализи, за останатите шест ги очекуваме анализите. Од 15.000 невакцинирани деца по повиците од вакциналите пунктовите, вакцинирани се само 310, што е мала бројка. Добра околност е што училиштата не работат поради распустот. Сепак, состојбата ја имаме под контрола. Станува збор за исклучително сериозно заболување, кое, за жал, понекогаш е фатално по животот на децата. Секое непочитување на препораките е дополнителен ризик по здравјето на целото население“, изјави Филипче.

Нови случаи на заразени со морбили има по еден во Кисела Вода, Гази Баба и по двајца во Аеродром и Бутел. Од сомнителните двајца се од Аеродром и по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров. На Инфективна клиника се хоспитализирани осум лица, сите се со компликации и имаат бронхопневмонија. Пред десетина дена имаше седум случаи во скопската населба Радишани.

Епидемиологот Билјана Данаиловска од Центарот за јавно здравје – Скопје вели дека практично, ако се сумира бројот на заболени од 19 декември 2018 година, кога се појави епидемијата во Радишани, досега се регистрирани 19 случаи, од нив 13 се докажани и шест сомнителни.

„Како една од најважните противепидемиски мерки е вакцинацијата на невакцинираните лица, деца, возрасни и некомплетно невакцинираните и со прогласувањето епидемија практично се проширува возрасната граница на вакцинација не од 12-месечна возраст, туку од шест месеци, односно девет месеци, па сè до 45 години“, објасни Данаиловска.

Епидемиологот Жарко Караџоски соопшти дека родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца ќе бидат казнети од 350 до 650 евра.

„Не може да се очекува да се има добар опфат ако во народот се шири антивакцинална кампања од лица што се некомпетентни, нестручни, кои пропагираат некаква замисла дека детето треба да прооди и да прозборува, па дури тогаш да се вакцинира. Тоа е медицински неоправдано“, рече Караџоски.

Епидемија на морбили има и Србија и Романија. Филипче изјави дека во Србија починале 30 лица, а во Романија 50. Од Институтот за јавно здравје потсетија дека пред 1972 година, пред да се воведе вакцината, имало епидемии на мали сипаници со 1.250 смртни случаи и 12 илјади заболени.

 

Вероника Мароска-Леова