Ангелов: Во МВР имав поголема плата


Генерал Стојанче Ангелов неколку дена работи во „Македонска навигација“ (М-НАВ) како советник. На фејсбук, како претседател во оставка на политичката партија Достоинство напиша дека „во овој чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани“, чувствува обврска за политичко реактивирање. И бидејки полицијата е неспоива со политички ангажман, во договор со раководството на партијата одлучил МВР да го замени со провајдерот на воздухопловни услуги. Сега е советник во воздухопловна техника, ќе биде задолжен за безбедносните аспекти, а почетната плата му е 41.000 денари. Негова обврска е безбедносната заштита на уредите и системи во контрола на летање и оние кои се на истурени позиции. Во интервју за „Независен весник“ тој отворено зборува за трансферот на новото работно место, што предизвика реакции во јавноста.

Претпоставувам дека ги следите негодувањата од голем број од бранителите, чии права не се регулирани, се соочуваат со егзистенцијални проблеми додека Вие се сместивте на добро платена позиција?

Ова е апсолутна невистина. Не знам од каде ова тврдење. Клучната улога и најголемиот товар во 2001 година ги изнесоа бранителите вработени во МВР и АРМ и тие до ден-денес се во работен однос или во пензија. Благодарение на Достоинство, го решивме и проблемот со професионални војници кои остануваат на работа до пензионирање. Најголем дел од бранителите кои активно учествуваа во воениот конфликт во 2001 се во работен однос и имаат пристојни плати во МВР и во АРМ. Еве пример, во ‘тигрите’ сѐ уште имаме припадници што ја бранеа Македонија во 2001 година, а земаат поголема плата од таа што ќе ја земам во М-НАВ. Припадници на специјалните единици во армијата земаат поголема плата од мојата и не е точно тврдењето дека бранителите се невработени. Ние како Достоинство им помогнавме на многу бранители, мислам, пред сѐ, на резервниот состав, да почнат да работат, а тоа го правиме и денес. Јас имав повисока плата во МВР и нормално е дека колку што сте повисоко во хиерархијата, да имате повисока плата. Но ако мојата сегашна плата ја споредам со платата што ја земав во Ирак, таа е безмалку десетпати пониска, бидејќи во Ирак земав 6.000 долари месечно. Нема реакции на вистинските бранители.

(Целото интервју со Ангелов ќе го објавиме во денешното издание на „Независен весник“)

Анита Салтировска

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски