Анализа: Грчките партии за договорот меѓу Македонија и Грција


Постоењето македонски јазик и македонска националност во договорот меѓу Македонија и Грција се главните забелешки од грчките опозициски партии кај јужниот сосед, откако беше постигнато решение меѓу двете земји.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, коментарите од опозициските партии во Грција се негативни, според досегашните јавни настапи, изјави и соопштенија и веројатно е дека нема да го поддржат договорот. Енигма останува дали можеби партијата Река сепак ќе заземе поразличен став од Движењето за промена, но она што е сигурно е дека на утрешната расправа во грчкиот парламент, сите партии ќе ги отворат картите и ќе ја изразат нивната позиција.

Од опозициските грчки партии, Сојуз на централисти и Златна зора, како и коалициониот партнер во владата, Независни Грци, не се согласуваат со сложено име со вклучен термин Македонија, па според тоа веројатно е дека би гласале против договорот.

Владиниот портпарол и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“ изрази надеж дека кога македонската страна ќе ги заврши сите предвидени обврски и договорот дојде во парламентот, ќе биде прифатен од поширокото парламентарно мнозинство.

– До овој момент она што го гледам е дека Река, Движење на демократски социјалисти, Демократската левица, даваат изјави на позитивен начин во однос на договорот, рече Ѕанакопулос споменувајќи ги централно левичарските партии дел од коалицијата Движење за промена во кое е и ПАСОК.

МИА, ги пренесува позициите на грчките партии според нивните ставови откако беше постигнат договор меѓу Македонија и Грција.

Нова демократија

Најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија, не само што не се согласува со постигнатиот договор, туку ја вели дека владата нема политички легитимитет да го потпише, со оглед на тоа дека коалициониот партнер во владата не се согласува со решението.

Од Нова демократија, континуирано ја обвинуваат владата за тајна дипломатија, сметаат дека договорот е лош и проблематичен, „затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи ги отстапува на македонски јазик и македонска националност“, нешто што за грчката конзервативна партија е „неприфатлива национална отстапка“.

Како што веќе објави МИА, се поверојатно е дека од Нова демократија ќе достават барање за гласање недоверба на грчката влада.

Движење за промена

Коалицијата на централно левичарки ориентираните партии ПАСОК, Демократската левица , Река и Движење на демократски социјалисти, која веќе настапува како Движење за промена, според грчките медиуми до доцна синоќа разговарале и го разгледувале договорот на политичкиот совет на партијата.

Лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата коментирала дека договорот е лош, додека пак лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, лидерот на Движењето на демократски социјалисти, Јоргос Папандреу и атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, според грчките медиуми, рекле дека и покрај тоа што договорот има некои „сиви точки“, се движи во позитивна насока.

Генимата, како што претходно објави МИА, рече дека доколку во ревизијата на Уставот се вклучи и прилагодување на националноста и јазикот согласно со новото име и доколку поканата за интеграција во НАТО се достави по завршувањето на процесот, тогаш договорот би можел да биде прифатен.

Комунистичка партија на Грција

Од Комунистичката партија на Грција не се согласуваат со договорот и ја обвинуваат грчката влада дека дава „писмо со препораки“ за интеграција во НАТО и прифаќа македонски граѓанин и македонски јазик.

Во телефонскиот разговор веднаш по постигнатиот договор во вторникот вечерта, генералниот секретар на партијата, Димитрис Куцубас, му истакнал на Алекис Ципрас дека со условите, договорот е во воздух додека да заврши предвидениот процес и потенцирал дека со договорот „останува семето на иредентизмот со прифаќањето на македонски граѓанин и македонски јазик“.

Сојуз на централисти

Малата грчка партија Сојуз на централисти што на последните избори во Грција, по прв пат влезе во грчкиот парламент е против сложено име со вклучен терминот Македонија.

Претседателот на партијата, Василис Левендис смета дека владата направила голема грешка што „го дава името Македонија, без да преговара“.

Златна зора

Од Златна зора, сметаат дека договорот е предавство и национално неприфатлив, а во сабота попладне ќе организираат протест во Солун.

Според лидерот на партијата, Никос Михалољакос, „никој нема право да го отстапи името Македонија, кое не е само едно име, туку душата на народот“. Тој упатува обвинувања и критики до грчкиот премиер дека го отстапил правото на македонски јазик и македонска националност.

„Не за предавството, тргнете ги рацете од нашата Македонија“ е слоганот под кој во сабота на 16 јуни во 19 часот во Солун, Златна зора ќе одржи протест против „распродавањето на Македонија“.

Независни Грци

И покрај тоа што се дел од коалиционата грчка влада, Независни Грци имаат дијаметрално спротивен став во однос на СИРИЗА и исто како и Златна зора и Сојуз на централисти, не прифаќаат сложено име со вклучен термин Македонија.

Откако беше постигнат договор, а текстот од договорот веќе испратен до сите партии и достапен и до граѓаните, преку медиумите, од Независни Грци не излегоа со став и коментар.

Лидерот на партијата и министер за одбрана на Грција, Панос Каменос, на неколку часа пред соопштувањето дека постои договор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас, во вторникот, на прес-конференција го повтори неговиот став дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија и смета дека е потребна лидерска средба под претседателот на државата за да се промени одлуката донесена во 1992, според која името треба да биде без терминот Македонија.

Ставот на Каменос, како што веќе објави МИА, го коментираше грчкиот премиер во синоќешното интервју за ЕРТ. Ципрас рече дека Панос Каменос го известил дека ќе си го задржи почетниот став и нема да гласа за договорот, но и нема да ја урне владата.