Албанските партии ги поздравуваат најавите за промени во опозицијата, aналитичарите скептични


„Алијансата за Албанците“ го поздравува и позитивно го оценува најавеното реформирање на ВМРО-ДПМНЕ и повлекување на партискиот лидер Никола Груевски. Портпаролот на „Алијансата за Албанците“, Флакрон Беџети, изјави дека идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да ја сврти партијата кон евроатлантскиот колосек бидејќи само на тој начин ќе помогне во изгласување на законите во парламентот што ги побара Европската Унија од Македонија.

„Секое реформирање е здраво за политичкиот живот на политичкиот субјект, уште повеќе кога една политичка партија треба да се реформира не само во однос на смената на лидерот, туку и во начинот на политичкото размислување. Притоа, сфаќајќи ја мултиетничката реалност и нудејќи можност идното раководство конечно агендата да ја сврти кон евроатланскиот пат, бидејќи од идеолошки аспект и според геополитичката положба на Македонија, нејзините граѓани имаат проевропско и прозападно размислување. Македонија има потреба за ова и реформирањето ќе претставува еден вид коректор на работата на Владата. Секое реформирање треба да е гласање за лидер кој е проатлантски ориентиран и настрана од политичкиот инает ќе ги поддржи европските закони, кои нашата влада има обврска да ги изгласа што побрзо“, изјави за „Независен весник“ портпаролот на „Алијансата за Албанците“, Флакрон Беџети.

„Независен“ побара став и од движењето Беса, но од партијата на Билал Касами не беа заинтересирани да го коментираат најавеното реформирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и оставката на Никола Груевски.

Наспроти партиите, политичките аналитичари не сметаат дека оставката на Груевски ќе биде вистинска. Според Митко Гаџовски, поранешниот премиер Никола Груевски на конгресот ќе се обиде да постави „свој човек“ за да си ја задржи моќта во ВМРО-ДПМНЕ и за да продолжи и понатаму да има контрола на сѐ што се случува во партијата.

„Сметам дека Никола Груевски во наредниот период ќе се обидува, и тоа ќе го реализира, да постави човек што ќе биде негов послушник, односно ќе биде негова продолжена рака, а целата работа во партијата внатре ќе ја води тој во заднина. Најсериозен кандидат за претседател мислам дека ќе биде моменталниот генерален секретар на партијата Христијан Мицковски. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ на тој начин ниту ќе се реформира ниту ќе успее да изгради некој нов лик кој би бил проевроатлантски ориентиран и кој би бил конструктивна опозиција во периодот што претстои, од причина што не очекуваат процеси што значат затворање на прашањата со името, брза интеграција во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија. Така што мислам дека нема да има поголеми или драстични промени во овој момент од причина што Никола Груевски ќе го постави новиот лидер“, смета Митко Гаџовски.

И аналитичарот Артан Дика смета дека смената на Груевски на хартија е одлична вест, но ВМРО-ДПМНЕ треба на терен да ја покаже и докаже преку дела и измена на партиската политика и дејствување.
„Оставката на Груевски е добра и очекувана вест. За ВМРО-ДПМНЕ ова е шанса да се реформира како партија, но нејзиното реформирање не може да се случи ако партијата не се дистанцира од минатата шовинистичка политика, ако не побара прошка за направените штети и ако не се дистанцира од хулиганските елементи и групи со шовинистички тенденции што ги поддржуваше во минатото, па и ги и поттикнуваше соработувајќи со нив. Ова ВМРО треба преку дела, а не преку зборови да го докаже тоа. Како и да е, воспоставената култура на оставки е позитивен феномен воспоставен кај македонските партии, позитивен пример од кој треба да учат и албанските партии бидејќи во спротивно ризикуваат да потонат како ДПА“, изјави Артан Дика за „Независен весник“.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 23 декември закажа вонреден конгрес за избор на наследник на Никола Груевски. Како главни наследници и најсериозни кандидати за да го сменат моменталниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се спомнуваат Антонио Милошоски, Христијан Мицковски, Илија Димовски и Никола Поповски. Делегатите на конгресот се во ист состав како во 2015 година кога од 560 делегати за Никола Груевски како лидер на партијата гласаа над 520 делегати.

Блерим Исмаили