Албанските аналитичари за престојот на Заев на Приштина: Заев го прави тоа што не го направи Груевски


Првпат по прогласувањето на Косово како независна и суверена држава во 2008 година, македонски премиер денес престојува во официјална посета на Приштина. Претходниот премиер Никола Груевски, не сакајќи да ги ризикува добрососедските односи со Србија, никогаш официјално не го посети Косово.

Албанските аналитичари се едногласни – со овој чекор премиерот Зоран Заев дава нова позитивна димензија на македонската политика, што претставува исчекор напред за двете држави. Алберт Муслиу за „Независен весник“ оценува дека Западниот Балкан преку меѓудржавните средби и договори ги продлабочува односите и со тоа автоматски ги завршува домашните задачи дадени од Европската Унија и од НАТО.

„Посетата на Заев на официјална Приштина може да се гледа од два аспекта: првиот е подобрување на меѓусоседските односи а, вториот, поради етничката структура на Македонија, Косово претставува релевантен фактор за земјава. Евроатлантските процеси на Македонија, на Косово и на  Албанија ќе треба да се оправдаат пред нашите меѓународни партнери, со што пацификацијата на Балканот ќе заврши. Не може Балканот да биде стабилен и мирен ако некои држави останат надвор од НАТО и од Европската Унија.  Албанците тука се заинтересирани за добри односи со Приштина, при што оваа средба е континуитет на други последователни средби и на потпишувањето на договор меѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Косово. Овие државни средби не се реализираат само со цел да се видат лидерите, туку за да се иницираат потпишувања на други договори. Така што, мислам дека и оваа средба ќе биде дополнителен импулс за унапредување и продлабочување на билатералните односи и сигурно истата ќе заврши со договор. Јас сум убеден дека десетина договори ќе бидат потпишани во Приштина“, изјави аналитичарот Алберт Муслиу.

Во иста позитивистичка линија е и политикологот и новинар Џенис Сулимани. Премиерот на Македонија, Зоран Заев, со овој потег докажува дека новата влада преку конкретна работа ќе се обиде да ја наметне Македонија како пример за добар сосед, вели Сулимани.
„Меѓусоседските односи на една држава добиваат на сериозност кога се интензивираат средбите и кога соседите се согласуваат да им излезат во пресрет на постигнатите заеднички договори. Ова не е позитивно само за соседите, туку и за целиот регион. Примерот на премиерот Зоран Заев претставува позитивен исчекор напред. Неколку месеци порано Македонија ја посети заменик-премиерот на Косово, Беџет Пацоли. И двете земји се во фаза на транзиција, така што размените на искуствата се повеќе од добредојдени  за двете држави. Премиерот на Македонија, Зоран Заев, претходно имаше неколку контроверзни изјави во однос со Република Косово и се надевам дека истите по средбите ќе бидат расчистени. Мирот на Балканот се негува само преку добрососедство и признавање на другиот како партнер во процесот на креирање политика која носи пацифистички дух во регионот“, рече за „Независен весник“ политикологот Џенис Сулимани.

Тој, практично, посочи на прашањето околу приемот на Косово во УНЕСКО, за кое позицијата на актуелната влада е сосема нејасна, бидејќи по првичното давање поддршка сега како да има ретерирање поради заканите од Србија. Сето тоа остава  простор за сомнеж како навистина ќе изигра Македонија ако тоа прашање се најде на дневен ред во межународната организација.

Непосредно пред средбата со Зоран Заев, премиерот на Република Косово, Рамуш Харадинај, преку порака на социјалните мрежи напиша дека оваа посета ќе ги подобра и продлабочи односите меѓу Косово и Македонија, навестувајќи отворање на чувствителните прашања.

„Драги сограѓани, ќе го пречекам премиерот на Македонија, Зоран Заев, во официјална посета на Република Косово, како знак на добра волја за натамошен развој на односите меѓу нашата земја и Република Македонија. Убеден сум дека оваа посета ќе ги продлабочи нашите односи напредувајќи во сите теми, без оглед колку се чувствителни. Како премиер јас ќе ги претставувам народот и државата Косово на конструктивен начин за градење стабилни односи, а граѓаните на земјата треба да ни дадат простор и неопходна почит за ние да ги продлабочиме овие билатерални односи“, стои во пораката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.

Според агендата, во главниот град Приштина, Заев ќе разговара со косовскиот колега Рамуш Харадинај, ќе се сретне и со претседателот на земјата Хашим Тачи и со претседателот на парламентот Кадри Весели.Наедно Заев ќе оствари средба и со претставници на Македонско-косовската бизнис-асоцијација.

Блерим Исмаили