Албанскиот претседател меѓу Македонците во Пустец


Албанскиот претседател Илир Мета денеска престојуваше во Пустец, Мала Преспа, или како што секогаш знае да каже, „меѓу прекрасната македонска заедница“.

Повод за престојот е официјачниот почеток на туристичката сезона во општина Пустец, каде, покрај брегот на Преспанското Езеро, има девет села населени со етнички Македонци.

– Заедно со локалните власти ја отвориме туристичката сезона во општина Пустец. Ги повикувам домашните и странските туристи да дојдат и да се запознаат со природните убавини во оваа област, посебно Преспанско Езеро, извонредната гостопримливост и традционалните јадења. Воодушевува црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град. И посакувам успешна туристичка сезона на општина Пустец, каде одлучив дел од летниот одмор да го минам и јас, напиша Мета.

Домаќини на шефот на албанската држава беа претседателот на македонското друштво „Сонце“ Васил Стерјовски, потпретседателот на македонската партија МАЕИ, отец Алексо Темелко и претставници на локалната власт.

По прошетката со чамец по Преспанско езеро, ја посетија црквата на островот Мали Град, како и црквата „Свети Архангел Михаил“ во центарот на Пустец.

Мета мина пријатни мигови и во разговор со најмладите Малопреспанци.