Албанија ни кажува дека Груевски побегнал преку Дебар


Додека полицијата и Обвинителството истражуваат како побегнал, а Министерството за правда го подготвува екстрадицискиот материјал, службите од регионот и натаму лиферуваат (неофицијални) информации околу рутата по која до Будимпешта се движел Никола Груевски. Повикувајќи се на свои извори во албанската полиција, тамошните медиуми пишуваат дека поранешниот македонски премиер излегол од државава на див граничен премин кај Дебар, при што имал асистенција од луѓе од доверба, како и од тајните служби во Албанија. Како доказ на ваквите тврдења се споменува фактот што Груевски немал проблеми на излезот од Албанија на преминот Хани и Хотит, и покрај тоа што влегол нелегално во земјата, а излегол со лична карта. Притоа, се наведува дека Груевски во придружба на свои луѓе бил во Тирана, а потоа со возило на унгарската амбасада заминал во Црна Гора.

МВР ги бара јатаците

Во македонското Министерство за внатрешни работи велат дека соработуваат со албанските колеги, но оти во моментов не можат да излезат со подетални информации. Повторуваат дека истрагата е во тек, се проверува кој му помогнал на правосилно осудениот да ѝ побегне на правдата.

Во текот на истрагата се прибавени сознанија и информации и се преземаат активности за нивно потврдување. Со оглед на тоа дека истрагата е во тек, деталите ќе бидат соопштени по завршувањето на истрагата. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР изврши непосредни проверки, собра потребни известувања и изврши увид во службената документација во Одделот за граѓански работи, Одделот за гранични работи и миграции, Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за заштита на определени личности и објекти, Одделот за оперативна техника и Секторот за внатрешни работи Скопје. Извештајот ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство“, беше одговорот од МВР што го добивме вчера.

И натаму нема одговор на клучните прашања што ја интересираат јавноста: како е можно осудениот број 1 во државава да си излезе од зградата што е на педесетина метри од седиштето на МВР и потоа непречено да пропатува двестотини километри, да ја напушти земјата, иако пасошот му е одземен, па дури и во соработка со служби на други земји непречено да стигне во Унгарија и да побара азил? Безбедносните експерти цела недела напоменуваат оти сериозна држава морала да има сознанија дека Груевски планира да побегне, особено што тоа се планирало со месеци што значи дека или бил намерно пуштен да избега или безбедносниот систем и службите треба под итно да се рестартираат и да се распуштат.

Ако се утврди одговорност, ќе понесе одговорност – па кој сака нека е, почнувајќи од мене, па кој било друг. Но не можеме да разрешуваме луѓе, само затоа што е гневна јавноста. И порано се поставуваше дилемата дали Заев се договорил со Груевски во врска со пржинскиот договор, па испадна дека не се договорил. Сè што сум кажал, така било. Јас кажувам дека Груевски ќе биде вратен. Унгарија треба да каже дали бил киднапиран, дали по своја волја влегол во дипломатско возило“, изјави премиерот Зоран Заев, уште еднаш споменувајќи на неверојатната теза за киднапирање на Груевски.

Уште не е испратено барањето за екстрадиција

Од Министерството за правда вчера ни рекоа дека ја подготвуваат документацијата за екстрадиција на Груевски, која треба да изнесува околу 400 страници.

Не е испратена сè уште од причина што материјалот е премногу обемен, најмивме неколку преведувачи за унгарски јазик, но не можеме да посочиме кога ќе бидеме готови“, признаваат од Правда.

Во врска од информациите во јавноста дека Македонија и Унгарија немаат потпишано договор за екстрадиција, поради што и испорачувањето на Груевски не било можно, од надлежното министерство објаснуваат оти има и други правни акти, пред сè Европската конвенција, кои се доволни за успешна екстрадиција, секако доколку има волја. Инаку, самото барање за испорачување на Груевски нема да има никаков правен и фактички ефект доколку Будимпешта му додели азил, но и тоа како ќе им биде олеснета работа на унгарските административци доколку за барањето на експремиерот одлучуваат без да го имаат добиено и видено барањето за екстрадиција.

Груевски последен пат од своето обезбедување бил виден во четвртокот (7 ноември) околу 23 часот кога го оставиле пред зградата во која живее. Вечерта на 11 ноември (недела) околу 19 часот излегол од Албанија и се упатил кон Црна Гора. Се знае и дека спиел во Тирана, што дава претпоставка дека од нашата држава побегнал во петокот вечерта (9 ноември). Личната карта што ја има му помогнала непречено да ги мине двете граници, имајќи предвид дека не беше распишана меѓународна потерница. Заедно со унгарските дипломати, кои го сместија во удобното возило со дипломатски таблички, од Скадарското Езеро заминува кон Србија. Во унгарската амбасада во Белград најавува дека ќе бара азил. Во вторникот на 13 ноември се јавува од Будимпешта. Без проблем минува уште две граници: црногорско-српската и српско-унгарската.

Во морето неофицијални информации, се споменува дека заминал и од таму и оти сега е веќе во далечна земја што не е дел од Европската Унија.

Горан Адамовски