Ако сакаме во ЕУ, мора да се избориме со корупцијата


Антикорупциската комисија е обезглавена и не функционира, а Македонија е без клучно тело кое треба да лови евентуална корупција и од кое се очекува да помогне за да се  испорача еден од главните услови на ЕУ до јуни 2019 година.

Работна група во Министерството за правда работи на измени на законите за да ги отстрани сите бариери што би можеле да ги искористат како изговор идните членови на Антикорупциската комисија.

Ваква е накратко моменталната ситуација со борбата со корупцијата во Македонија. Проекциите се дека некаде до крајот на летото треба да завршат измените на законите и потоа да бидат избрани новите членови на Антикорупциската комисија.

„Немаме друга опција, равенката е јасна, ако сакаме да се придвижиме кон Европа мора да се избориме со корупцијата. Сѐ друго е демагогија, тие се поентите – корупцијата, судството и администрацијата“, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски, кој учествува во работната група за измени на Законот за корупција, кои ги најави министерката Рената Дескоска.

Идејата на работната група е да се спојат двата закона, Законот за спречување на корупцијата и Законот за судир на интереси. Моментално, како што вели Малиновски, се претресуваат сите одредби кои досега претставувале проблем во функционирањето. Тој порачува дека може да се направи совршен закон, но членовите треба да имаат волја да ја контролираат работата на јавните функционери.

„Вие може да направите совршен закон, но ако комисијата не сака да работи, од тоа ништо нема да биде. Значи, поентата е да се направи закон според кој, доколку комисијата има желба да работи, да не се судира со непотребни бариери“, вели Малиновски.

Работното тело планира да се намали бројот на членови на Антикорупциската комисија и при изборот на членови да има јавно сослушување на можните кандидати пред медиумите и невладините организации.

„Одиме кон тоа процесот да биде потранспарентен, а не како претходно кандидатите да излегуваат од нигде никаде“, вели Малиновски.

Комисијата за спречување на корупцијата е без претседател и петмина членови од пред четири месеци, како луѓе што треба да се борат со корупцијата, беа „фатени“ дека работеле незаконски и правеле финансиски малверзации.

Тогаш петтемина членови си поднесоа оставка, а и додека функционираше, ова тело немаше покренато ниту една истрага против високи функционери. Малиновски беше член на Антикорупциската комисија во нејзиниот прв состав кога отвори големи истраги, како што беа приватизацијата на Окта, случајот „Бачило“, „Фершпед“. Дел од нив имаа судска завршница, но поголемиот дел останаа нерешени.

Во тој состав членовите не беа вработени, туку добиваа одреден надоместок за својот ангажман. Потоа комисијата се професионализираше, но од тоа немаше никакви резултати. Со новите измени се предвидува сите членови на комисијата пак да бидат вработени и да имаат и полно работно време.

„Политички притисоци ќе има онолку колку што вие ќе бидете подготвени да потклекнувате на притисокот. Ако вие почнете да се свивате под притисокот, тој ќе биде сѐ посилен и посилен“, вели Малиновски.

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, вчера уште еднаш им порача на македонските власти дека независноста на судството и обвинителството влијае врз секојдневниот живот на луѓето.

„Кога судството и обвинителството работат непристрасно во интерес на граѓаните, тогаш јавноста има доверба дека нивните права се почитуваат, дека нивните бизниси би имале раст и дека можат долгорочно да планираат. Странските директни инвеститори исто ги гледаат работите. Затоа успешните, стабилните и просперитетните општества имаат една заедничка работа – цврсто владеење на правото. Тоа е и причината зошто секторот правда е еден од клучните сектори во кои Македонија треба да спроведе реформи за да напредува на својот евроатлантски пат“, рече Гарет.

И невладината Платформа за борба против корупцијата порача дека треба да се зајакнат капацитетите на Државната комисија за спречување на корупција, да постои транспарентен избор на членови и претседател и да се следи имотната состојба на избраните и именувани функционери.

Ана Велева-Јаневска смета дека ДКСК мора да се фокусира на средната и високата корупција и да работи со Јавното обвинителство во нивно намалување.

„Исто така, таа треба да постапува брзо, а не да бидат оставени непроцесуирани случаи на висока корупција, како сите оние што ги презеде СЈО, а се случувале во изминатите 10 години“, рече Велева-Јаневска.

Првиот состав на комисијата беше формиран во 2002 година, а прв претседател беше Слаѓана Тасева. Оваа комисија во своите четири мандати има покренато 44 иницијативи за кривично гонење и отвори крупни случаи.

Фросина Факова – Серафиновиќ