Ако има притвор за Димовски прво ќе треба да му го одземат имунитетот


Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 одлучува по предлогот на обвинителството за определување притвор за четворицата поранешни министри и заменици министри за земјоделство кои се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделски сибвенции и давање под закуп државно земјоделско земјиште, со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави денеска дека се обезбедени сите четири лица кои се опфатени со истрагата и додаде дека сите информации  ќе бидат соопштени кога ќе заврши овој процес во заедничко соопштение со јавното обвинителство.

Станува збор за поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски и поранешниот заменик министер Кристијан Делев.

Ако судот го прифати предлогот на обвинителството за определување притвор за Димовски, тогаш претходно треба да има одлука од парламентот за одземање на неговиот имунитет, со оглед на тоа што поранешниот министер за земјоделство моментно е пратеник на СПМ и е во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Димовски, минатата година, беше еден од шестемина пратеници на опозицијата на кои им беше одземен имунитетот за да им биде одреден притвор или домашен притвор, во почетокот на истрагата за 27 април. Против петмина од нив потоа беше покренато и обвиниение. Но, кон крајот на минатата година, сите петмина пратеници, вклучително со Димовски, беа ослободени од одговорност, согласно со Законот за амнестија за 27 април.  Постапката за одземање ма имунитетот оди преку собраниската Комисија за деловнички и мандатно-иминитетски прашања, а потоа собранискиот пленум треба да донесе одлука со минимум 61 глас.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  информира дека четворицата осомничени  во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.

– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на буџетот во износ од 88.467.607 денари, информираа од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.