Азилантски ручек од 5 ѕвезди на Груевски


Додека јавното обвинителство најавува дека во наредните две недели ќе излезе со информации за бегството на Никола Груевски протекоа и првите фотографии и видео-снимки за безгрижниот живот на поранешниот премиер во унгарскиот главен град Будимпешта.

Вчера се појави видео од Груевски, кое го снимиле новинарите на унгарскиот медиум „24.hu“, кои опремени со камера го чекале поранешниот премиер да излезе од ресторанот каде што ручал.

Весникот пишува: „Никола Груевски живее безгрижен живот во Унгарија. Во средата тој замина со шофер на ручек во еден од најскапите ресторани во Будим ‘Кафе 57’. Поранешниот македонски премиер беше на ручекот со двајца мажи, потоа ги напушти, брзо влезе во автомобилиот ‘фолксваген шаран’ и возачот замина со чкрипење на гумите“.

Ресторанот „Кафе 57“ се наоѓа во еден од најбогатите квартови на Будимпешта и е познат по скапата и ексклузивна храна.

Дописникот на британски „Гардијан“, Дан Нолан, во вторникот на Твитер објави фотографија од Груевски во Будимпешта, прва по неговото бегство од Македонија со порака „Го фатив“. Груевски беше снимен како оди од познатата „Фешн стрит“ кон центарот на Будимпешта.

Дојче Веле“ вчера објави дека Груевски во Будимпешта е сместен во познат и луксузен хотел во градот, дека излегува на прошетки, многу често џогира, има посети од лица од Македонија и е во потрага по постојано живеалиште. Од почетокот на неговото бегство тој исто така телефонски контактирал со негови сопартијци и речиси нема функционер во ВМРО-ДПМНЕ кој не го знаел неговиот нов телефонски број.

За тоа време овде истрагата оди чекор по чекор. Наредната недела претставници од Обвинителството ќе одат во Црна Гора да ги земат видеоматеријалите поврзани со овој случај, а од Албанија се бара што поскоро да ги достави материјалите со кои располага.

Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат“, изјави обвинителката Вилма Русковска.

Таа додаде дека прегледувањето на снимките што ги имаат е веќе при крај и најави дека очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.

Во врска со фотографијата на Никола Груевски што беше објавена завчера во медиумите и по социјалните мрежи, Русковска истакна дека најверојатно ќе преземат активности да видат од каде потекнува и кој ја сликал. Со оглед на тоа што на неа покрај Груевски, за кој се тврди дека е сликан во Будимпешта, е препознат и еден од обвинетите за случајот на СЈО „Насилство во општина Центар“, Русковска истакна дека во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски.

Ние и досега го имаме сослушано неговото обезбедување, така што ќе продолжиме во таа насока“, рече Русковска.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека засега немаат ништо ново во врска со барањето за екстрадиција на Груевски од Будимпешта, каде што унгарските власти му дадоа политички азил.

Ние сè уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција“, рече Дескоска.

Никола Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија, избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.

Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор. (Н.В.)