Аеродромци не сакаат муабети, зграда кај Мајчин дом нема да има


Граѓаните на Аеродром не сакаат да разговараат со инвеститорот на спорната зграда кај Мајчин дом, бизнисменот Фатмир Етеми. На средбата која пред два дена ја организираше тој, во месната заедница Острово, се појавија десетина граѓани. Граѓаните велат дека не сакаат да ги слушаат неговите аргументи ниту, пак, да дискутираат за можни решенија. Тие остануваат на ставот дека тука зграда не смее да се гради. На средбата Етеми, пак, ги убедувал дека по изградбата ќе имало повеќе зеленило отколку сега и дека неговата општествено одговорна компанија максимално ги поддржува во борбата со загадувањето.

„Сакам да ве уверам дека зградата ќе биде целосно енергетски ефикасна, ќе има вертикално и хоризонтално зеленило, со посебен систем за одржување, за што ќе се вложат околу еден милион евра. По моја иницијатива габаритот на зградата е намален и не ги искористува максималните параметри што ги дозволува ДУП. Максимално ќе го зазелениме просторот и ќе има повеќе зеленило од сега, ќе обезбедиме 150 високоизраснати дрва, целосно партерно уредување на плацот околу Мајчин Дом и изградба на нов паркинг на парцелите околу“, вели Етеми.

Аеродромци, пак, повторно нагласија дека ќе се борат и понатаму за зачувување на зелените парцели во нивната загадена и пренаселена општина, а преговорите и разговорите ќе му ги остават на градоначалникот Златко Марин.

„Нашите барања се јасни и гласно кажани уште во 2016 година, а дел од нив се гласно ветени и од страна на сегашниот градоначалник Марин. Инвеститорот не е надлежен за нивно исполнување, а и невозможно е да се бара од нас да имаме емпатија кон него. Средбите со инвеститорот ги препуштаме на Општината. Чии интереси ќе преовладаат, граѓанските или на инвеститорот ќе покаже времето“, велат од граѓанска иницијатива „Го сакам Аеродром“, поддржана од „Стоп на загадувањето“, „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче“, „О2 коалиција“, „Скопје дише“ и „Сакаме Аеродром да дише“.

Жителите велат дека продолжуваат да се борат за зелените површини, особено за оние малобројните што останаа во општината, а не за некои имагинарни, зацртани на планови или ветувани, а нереализирани. Тие апелираат конечно да почнат да се остваруваат и ветувањата дека ќе се стави стоп на урбанистичкото лудило, особено она што е добро затскриено и камуфлирано во „законски“ постапки и процедури.

„Време е законите и сите акти кои произлегуваат од нив да се преработат и усогласат со правецот кон кој цели ова граѓанско општество, транспарентни процеси од самиот почеток на планирање, па се до вклучување на граѓанскиот сектор во носењето одлуки и креирањето на јавните политики по принципот на одржлив развој. Обидите на мaлициозно криење зад законите, како и обидот по секоја цена да се деградира и уцени ставот на граѓанинот поистоветувајќи го со политички или партиски одлуки, е во најмала рака дрско, лицемерно и недозволиво во еден демократски систем“, посочуваат аеродромци и додаваат дека мора да запре уништувањето на Аеродром, општина која била создадена во време на урбанизам што претставувал школски пример за квалитетно планирање.

Изградбата на зградата на 14 дена ја запре општинската градежна инспекција заради неправилности на градилиштето. Од Општината Аеродром велат дека инвеститорот во меѓувреме ги отстранил недостатоците, но договорено било изградбата да не започнува се додека траат преговорите за изнаоѓање решение.

„Општината и градоначалникот Златко Марин остануваат на ставот дека тука не треба да се гради. Во изминатите две недели заедно со другите институции и Град Скопје се разгледуваат сите можни опции. Се бараше друга заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради, а се бараше решение и надвор од територијата на Аеродром. Проблемот е што минатото раководство на Аеродром, направи измени во ДУП со кој впиша голема маркица за градба и со тоа цената на земјиштето вртоглаво пораснала. Сега, во Аеродром немаме ни одблиску друга соодветна парцела која може да ја замени оваа. Со носењето на ДУП нанесена е огромна штета и ја доведува општината во оваа незавидна позиција“, информираат од Аеродром.

Во игра е и втората опција, да се обесштети инвеститорот, но сумите, според општинарите, биле огромни за нивните можности. Етеми вели дека досегашните инвестиции и трошоци достигнуваат осум милиони евра. Тука се вклучени 5,5 милиони евра трошоци за земјиште и комуналии, трошоци за камати, штети на компанијата за инвестиции, досегашни трошоци за одржување и 184.000 евра секој месец, рата за кредитот подигнат за изградба на овој објект. Тој ги одбил и обидите да се најде локација и надвор од општината затоа што процедурата за носење нов ДУП би траела околу 3 години, што, за него е голема загуба.

Сања Наумовска