Адеми: Резултатот од референдумот ќе треба да го почитуваат сите институции


Министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми денеска изјави дека го поддржува одржувањето референдум за името и оти одлуката што ќе се донесе ќе треба сите институции да ја почитуваат.

– Одржувањето референдум е став на Владата. Премиерот и сите ние сме кажале дека референдум ќе им во делот на ова прашање, изјави Адеми во Македонската опера и балет пред промоцијата на трите нови проекти на Агенцијата за иселеништво: Прирачник за иселеници, Сликовница за изучување на мајчин јазик и веб-страница.

Според него, за тоа каков ќе биде референдумот треба се договораат политичките чинители, односно сите партии кои учествуваат во политичкиот живот во Македонија ќе решат дали ќе биде задолжителен или консултативен.

– Како и да е, одлуката на референдумот на крајот на денот ќе треба сите институции да ја почитуваме, посочи Адеми.

Митрополитот на Европската епархија Пимен одговарајќи на новинарско прашање рече дека неговиот личен став за тоа дали го прифаќа или не Договорот со Грција ќе го каже на референдум. Изрази надеж дека ќе се одржи референдум бидејќи, како што рече, се заговара бојкот.

– Самиот Договор по себе е далеку од идеален, но тој не е нешто толку погубно како што се толкува во некои случаи. Луѓето тоа го доживуваат како предавство. Крајната инстанца сепак останува на народот, не само на политичарите туку на секој еден поединец затоа што ќе има можност да се изјасни на референдум „за“ или „против“, изјави отец Пимен.

Прашан дали власта се меша во секуларноста на државата, тој појасни дека секогаш постои контакт меѓу црквата и државата затоа што, како што рече, сепак работиме со еден ист народ, луѓето кои гласаат и луѓето кои ја посетуваат црквата.

– Не може да се зборува за строга поделеност. Никој не може да ја повлече таа граница до каде е. Нормално е да имаме соработка, а од друга страна да се има и дистанца затоа што убаво е да се залагаме едни за други, ние како црква за напредок на државата и државата да се залага на напредокот на црквата и за надминување на некои вакви клучни моменти. Треба да има кохезија меѓу црквата и државата, а да не се загрози секуларноста, смета отец Пимен.