Адеми: Министертвото нема да дозволи отворање на дополнителен број на паралелки


На огласните табли на средните училишта вчера беа истакнати ранг листите од прелиминарните резултати на примени и одбиени кандидати, по првото пријавување за упис во средно. Во училиштата каде има пријавено повеќе кандидати од бројот на слободни места предвидени со конкурсот в петок ќе се одржи квалификационо тестирање. Директорот на медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“, Марјан Алабаковски вели дека за да учат во училиштето пријави доставиле околу 1.000 кандидати, што е речиси дупло повеќе од  предвидените 646 места. Квалификационо тестирање ќе полагаат 39 потенцијални средношколци кои конкурирале за смерот медицински сестри.

„За 25 места, квалификационо тестирање ќе полагат 39 кандидати. Имаше дупло повеќе пријавени од слободните места. Оние кои се одбиени си ги земаа документите. Доколку мислат дека има некоја неправда, оти не успеале да се запишат во училиштево, можат да поднесат приговор. Има примери каде децата имаа голема желба да учат за медицинска сестра, а имаат многу добар успех, рече Алабаковски.

Во скопското средно училиште „Георги Димитров“ тестирање ќе има за учениците кои конкурирале за германската специјализирана паралелка.

„Тестирање ќе имаме за  германската специјализирана паралека. Таму примаме 34 деца, а пријавени се близу 70. Пријавени имаме 420 ученици, од тие 345 за гимназија, 75 за стручно образование. Примени во гимназиско образование се 238 кандинати, бројот на места е пополнет, а во стручно образование примени се 70, изјави директорот на училиштето“, Сашо Стоименов.

Проблемот со вишокот на ученици гимназија Орце Николов ќе го надмине со зголемување на бројот на ученици во паралелки.

„По нашето барање,  Министерството за образование и наука ни дозволи малку да го зголемиме бројот на ученици, со цел да нема квалификационо тестирање за оние кандидати кои останаа непримени. Бројката не е голема да се отвора нова паралелка. На тој начин преку одобрението од МОН успеавме место 285, да примиме 294  кандидати. Пријавени за упис беа 368,оние кои не ги исполнуваа условите си ги повлекоа документите, рече директорот на гимназијата Митко Димовски.

И во атрактивната гимназија „Никола Карев“ пополнет е бројот на места, таму нема да има тестирање иако се пријавиле повеќе полуматуранти за упис.

„Тие што ги исполнуваат условите согласно конкурсот се примени. По конкурсот можевме да  примиме 272 деца , толку и се запишани, а пријавени беа 394. Многу од пријавените си ги повлекоа документите, некои од нив немаа ни услови да се запишат, имаа под 60 бодови и затоа беа одбиени, вели директорката Горица Илијоска.

Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 22 јуни 2018 година, конечните ранг листи со резултатите ќе бидат објавени на 25 јуни. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште, стои во конкурсот.

За 20.699 полуматуранти за упис во средните училишта  има над 35 илјади ученички места. За гимназиско образование предвидени  се 10.985 места, додека за средно стручно има 24.358 слободни места. Максималниот број поени останува и е 80 по сите основи, како што се успехот, оценките од предметите важни за струката, за поведение и за први места на натпреварите. За гимназиско образование потребни се  минимум 60 поени, за стручните, се движат од 70 за здравствената, за економско, правна и трговска 60, за дел од профилите во сообраќајната и електротехничка од 50 до 60 поени, а за сите останати образовни профили 45.

Второто пријавување  на полуматурантите за упис во средно ќе се врши на 28 јуни 2018, а резултатите од запишувањето и слободните места,  училиштата ќе ги објават на 29 јуни. Оние кои нема да се запишат во двете пријавување шанса ќе имаат тоа да го сторат  на 23 август, дали се примени ќе знаат следниот ден.

Тоа што во одредени училишта има пријавено повеќе кандидати од  местата предвидени со конкурсот за упис во средно министерот за образование и наука Арбр Адеми рече министертвото нема да дозволи отворање на дополнителен број на паралелки, ќе преземат мерки таму каде е потребно без зголемување на бројот на паралелки да се надминат некои ситуации. Додаде дека сѐ уште се во процес на консултации со сите засегнати страни и  дека ќе донесат одлуки, коишто се во согласнот со нивните определби, но и со барањата на училиштата и учениците почитувајќи ги критериумите кои се јасни и прецизни.

– Има барање за најатрактивните училишта, за каде има голема заинтересираност  за отворање на нови паралелки за решавање на проблемите. Како министер за образование и наука ќе дадам приоритет на средно стручно образование, ако ги зголемиме квотите за гимназијалците тоа ќе оди на штета на средното стручно образование. Упатувам апел до учениците во уписните рокови да се пријавуваат во средното стручно образование. Ова ќе биде во нивна полза имајќи предвид дека таков кадар ни треба на пазарот на труд и ќе имаат повеќе можност да бидат веднаш вработени во компаниите, рече Адеми.

Додека во атрактивните училишта како што се гимназиите, економските и медицинските се бара место повеќе во средно електротехничко училиште „Михајло Пупин“ за предвидените  612 места, конкурирал  191 полуматурант, а запишани се 160.

„Генерално сме задоволни од уписот, којшто е и значително подобрување и како бројка  и како квалитет во споредба со изминатите години. Ако од 191 пријавен кандидат, 137 се со над  60 поени, тоа значи се создаваат услови за продуцирање на квалитетен кадар, односно услови за квалитетна работа“, рече директорот на училиштето Ефтим Пејовски.

Вероника Мароска-Леова