Автобусот возел пребрзо за условите на патот


Возачот на автобусот со струшки регистарски таблички, кој патувал на линија Битола-Виена, веројатно летал на патот завеан со снег близу Лесковац, со неприспособена брзина од 98 километри на час. Tоа е и можната причина за несреќата. Обвинителството му одреди 48 часа притвор, пренесуваат српските медиуми, кои пишуваат за сообраќајната несреќа во која загинаа тројца македонски граѓани, а 32 беа повредени. Причините за несреќата уште не се утврдени, истрагата во Србија трае бидејќи има и други наоди што треба да ја дадат точната информација.

Во меѓувреме, идентификувана е и третата жртва во автобуската несреќа што се случи завчера утрото во 1 часот 45 минути кај Лесковац. Станува збор за 63-годишната В.К. од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на двете жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К. и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.

Шестемина македонски државјани, кои се здобија со сериозни повреди, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш. Двајца од нив се на машини за дишење, едниот има повреди на главата, а другиот на вратниот ‘рбет. Лекарите допрва ќе треба да направат проценка дали ќе треба да бидат оперирани.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави за „Независен весник“ дека пациентите и натаму се во тешка здравствена состојба, но стабилна.

„Можно е да им се прави операција откако ќе им се стабилизира состојбата на двајца пациенти. Едниот е со повреда на черепот, има нагмечување на мозокот, а другиот е со повреда на вратниот ‘рбет. Сега се на опсервација. Последните информации од Клиничкиот центар во Ниш укажуваат дека засега не треба да им се прави операција. Дополнително ќе биде направена проценка од лекарите дали ќе им се прави операција и ако треба да бидат оперирани каде да биде извршена операцијата, дали во Ниш или во Македонија“, објасни Филипче.

Во болницата во Лесковац хоспитализирани се осум пациенти, ниеден од нив не е во животна опасност, задржани се на опсервација, а кога ќе им се подобри состојбата ќе бидат транспортирани во земјава на понатамошно домашно лекување. Превозот ќе биде организиран заеднички од двете земји.

Од автобускиот превозник „Еуро бус“ за „Независен“уште во неделата изјавија дека пуштиле два автобуса, едниот да ги пренесе оние што сакале да одат во Виена (станува збор за околу 15 патници кои заминале), а четири или пет граѓани со друг автобус се вратиле за Македонија.

„Дополнителните екипи ги испративме во Србија веднаш штом дознавме за несреќата. Работиме веќе 26 години и досега не сме имале ваква несреќа“, велат од компанијата „Еуро бус“.

Оттаму додаваат дека на автобусот му била направена техничка проверка. Се повикуваат и на изјава од патник која ја слушнале на српските медиуми, дека коловозот бил замрзнат, некое возило излегло пред автобусот, кое веројатно се излизгало, па за да го избегне возачот автобусот излетал од патот.

Според друго сведоштво на патник, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата, неприспособената брзина на возачот на автобус од речиси 100 километри на час и можноста возачот да заспал. Возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати.

„Спиев кога ме разбудија врескање и повици за помош. Видов луѓе со крв на главите и на рацете. Сите бевме преплашени, а уште повеќе се вознемирив кога слушав како некој извикува дека има починати. Набрзо во автобусот влегоа лекари од Брза помош. Веднаш почнаа да ни помагаат, а не знаеја на кого прво да му пријдат. По нив дојдоа пожарникари, ги извлекуваа патниците еден по еден“, се потсетуваше едно момче кое од несреќата се здоби со повреда на рака.

„Автобусот беше свртен настрана, патниците лелекаа од болка и бараа помош, додека парчиња од стакло имаше на сите страни. Четворица луѓе беа заробени во автобусот. Лекарите веднаш потрчаа да им помогнат. За жал, за тројца од нив веќе беше доцна“, додаде друг патник.

Автобусот од Македонија тргнал на пат во саботата околу 20 часот, патниците биле од повеќе градови од земјава. Во неделата повредените ги посетија и министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

 Вероника Мароска-Леова