АВМУ: Констатирани неправилности при емитување платена пропаганда за референдумот


Седум радиодифузери го прекршиле Упатството за медиумско претставување за време на референдум, констатирала Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со надзорот на медиумското покривање за време на референдумот во периодот од 21 до 27 септември.

Спротивно на точка 34 од Упатството, 1 ТВ емитувала платена јавна пропаганда во рамките на посебната информативна програма „Отворено студио 1“. Истиот радиодифузер, го прекршил Упатството и по друг основ, точка 28, така што на еден реален час, емитуваше многу повеќе од дозволените четири минути и 30 секунди за Собранието на Република Македонија како нарачател на платената јавна пропаганда „ЗА“ референдумот.

– Одвоеното време за овој нарачател драстично го надминува и соодносот на времетраењето на медиумското претставување – 59 осто „За“ и 41 отсто „Против“ утврден во Правилата за постапување на собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања. За овие прекршувања против радиодифузерот се покренати прекршочни постапки, соопшти АВМУ.

Прекршување на точка 28, според АВМУ, е констатирано и кај Алсат – М, Канал 5, Телма, Сител, ТВ 21 и 24 Вести, но времетраењето на платената јавна пропаганда за еден заинтересиран субјект, во случајот, повторно Собранието на Република  Македонија, е во рамките на временскиот сооднос утврден од собраниското Координативно тело.

– За овие прекршувања, иако не се во негова директна надлежност, но се во делокруг на регулаторот, расправаше и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Советот зазеде став дека во услови на недореченост и неусогласеност на релевантната регулатива и различните насоки кои медиумите ги добиваа од ДИК, АВМУ и собраниското Координативно тело, не треба да се покренат прекршочни постапки, велат од АВМУ.

Радиодифузерите се придржувале до Правилата за постапување на Собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања, согласно кои соодносот на времетраењето на медиумското претставување е 59 отсто „За“ и 41 отсто „Против“.

Директорот на Агенцијата, имајќи го предвид ставот на Советот, одлучил да не покрене прекршочни постапки против Алсат – М, Канал 5, Телма, Сител, ТВ 21 и 24 Вести.